Државите од ЕУ изминатата година потрошиле неверојатни 200 милијарди евра, пари наменети за оружје и зајакнување на нивната одбрана во екот на пандемијата. Овие наоди ги посочува извештајот на ЕДА, кој, според експертите, говори дека земјите од Стариот Континент на големо се фокусираат на оружјето наспроти борбата со коронавирусот и решавањето на економската и на енергетската криза. Во извештајот истовремено се наведува и за пад на трошоците за соработка, и покрај одбранбениот пакт на ЕУ потпишан кон крајот на 2017 година
Членките на ЕУ потрошиле неверојатни 200 милијарди евра за вооружување минатата година
Земјите од Европската Унија потрошиле речиси 200 милијарди евра, пари наменети за оружје и одбрана во 2020 година, што е најмногу откога почнала да се води евиденцијата на оваа тема во 2006 година.
Ова, меѓу другото, го наведува извештајот објавен неделава од страна на Европската агенција за одбрана (ЕДА), кој посочува дека додека расте апетитот за оружјето во ЕУ, паралелно со тоа се намалени владините инвестиции во другите сектори во земјите низ еврозоната.
ЕДА, која им помага на владите на Унијата да ги развијат своите воени способности, соопшти дека вкупните трошоци на овие земји, освен Данска, која се откажува од воените проекти на ЕУ, достигна 198 милијарди долари, што е за 5 отсто повеќе од 2019 година, пренесува магазинот „Политико“.
– Трошоците за одбрана беа 1,5 отсто од економското производство на 26-те земји на ЕУ, што е добредојдена бројка за НАТО предводено од САД, кое бара од земјите-членки за одбрана да издвојуваат и до 2 отсто од БДП. Повеќето членки на ЕУ се исто така дел од НАТО, но сакаат да можат да дејствуваат независно од САД кога е потребно – анализира „Политико“.
Меѓутоа, во извештајот на ЕДА истовремено се наведува и за пад на трошоците за соработка, и покрај одбранбениот пакт на ЕУ потпишан кон крајот на 2017 година, во обид да се здружат ресурсите и да му се стави крај на натпреварот меѓу националните индустрии што ги ослабнаа минатите одбранбени напори.
– Трендот на опаѓање на европската заедничка потрошувачка е особено загрижувачки – оцени извршниот директор на ЕДА, Јиржи Седиви, во извештајот во кој се констатира и намалување од 13 отсто во заедничката набавка на воена опрема од 2019 година на 4,1 милијарди евра.
Документот на ЕДА во исто време посочува дека Унијата, додека започнала заеднички фонд за оружје, со кој треба да се опфатат околу 60 заеднички воени проекти и има цел да договори нови сили за брза реакција на Брисел, инвестициите во одбранбеното истражување и технологија се слаби и постои недоволна соработка меѓу државите.
Сепак, тенковите и борбените авиони не помагаат во борбата против пандемијата, пишуваат западните медиуми по објавувањето на последниот извештај на европската агенција за оружје.
– Носачите на авиони не се во состојба да ја заштитат ни својата посада, а камоли цивилите на копно. Големите издатоци за вооружување често значат дека ќе нема доволно пари за модерен здравствен систем, за функционална инфраструктура или за заштита на животната средина – пишува германски „Дојче веле“.
Според медиумот, издатоците за вооружување на секоја одделна нација не се само расфрлање на парите, туку и на потта на нивните работници, генијалноста на нивните научници и надежите на нивните деца.
Подготвил: Дејан Србиновски