Прв турски војник загина во борбите против курдските борци во Сирија, каде Анкара неделава започна воена офанзива, објави турското Министерство за одбрана.
Министерството соопшти дека војникот, брат по оружје, е убиен во вчерашните судири против терористите од курдската Единица за народна заштита во Сирија, во зоната на операцијата „Извор на мирот“.
Од друга страна, Министерството информираше дека во операцијата досега се ликвидирани 277 терористи.
Според информациите, меѓу неутрализираните терористи има припадници на Работничката партија на Курдистан (ПКК) и Единиците за народна заштита.
Турција во средата започна воена офанзива против курдските борци во Сирија.
Советот за безбедност на ОН вчера на итен состанок не успеа да се усогласи за заедничка изјава во врска со акцијата.