Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го потврдија продолжувањето на партнерството и соработката помеѓу Алијансата и Унијата во однос на прашањата од заеднички интерес и безбедноста.
– НАТО е најсилната воена алијанса во светот и ќе остане заеднички именител и основа на европската одбрана – рече Жосеп Борел.
На својата прва средба како шеф на дипломатијата на ЕУ, Борел истакна со генералниот секретар на НАТО дека двете страни продолжуваат да ја зајакнуваат соработката.
– Градењето заедничка европска одбрана не е алтернатива, туку придонес кон односите НАТО-ЕУ – рече Борел.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го поздрави Борел на новата функција и најави дека тој ќе продолжи да води политика на надополнување наместо на натпревар помеѓу НАТО и ЕУ.
– Безбедносните предизвици со кои се соочуваме се премногу сложени за секоја нација поединечно. Ниту НАТО, ниту ЕУ не ги имаат сите потребни инструменти потребни за безбедноста на нашите народи. Само со заедничко работење можеме да постигнеме многу – вели Столтенберг.
Столтенберг рече дека сојузниците на НАТО на самитот во Лондон оцениле дека Алијансата и Унијата имаат извонредна соработка, особено во делот на миграциската и бегалската криза, и борбата против сајбер и хибридните закани.