Институциите и земјите-членки на ЕУ вчера се договорија да ги олеснат правилата за трошење во ЕУ и да мобилизираат најмалку 25 милијарди евра во фондовите на ЕУ за справување со економските последици од коронавирусот
Лидерите на ЕУ на вонредна телеконференција бараа начини ја подобрат координацијата за да го запрат ширењето на коронавирусот и да се справат со економските последици од епидемијата што сега го зафати целиот блок. Ова е првпат лидерите на ЕУ да одржат телеконференција, посочува „Еурактив“.
– Здравјето на нашите граѓани е прв приоритет – изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, додавајќи оти земјите-членки ќе преземат мерки, кои ќе бидат „засновани врз научни и медицински совети“ и кои ќе бидат „пропорционални за да немаат прекумерни последици за општествата“.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, разговараше со италијанскиот премиер Џузепе Конте и рече дека двајцата во наредните денови ќе ги разгледаат мерките за поддршка на земјата.
Ширењето на вирусот веќе предизвикува забавување на глобалната економија, па националните влади и институциите на ЕУ сакаат да испратат силен сигнал дека се подготвени да преземат акција, откако низа состаноци на пониско ниво во изминатите денови завршија без поголеми резултати. Сепак, средбата на лидерите не резултира со голем и координиран фискален стимул на кој се надеваа некои држави, посочува „Еурактив“.
Мишел нагласи оти блокот ќе ги поддржи малите и средните претпријатија и најпогодените сектори да пристапат до дополнителна ликвидност при падот на побарувачката и да ги поддржат нивните вработени за време на кризата. Фон дер Лејен, пак, најави нова инвестициска иницијатива како одговор на коронавирусот, која брзо би требало да достигне 25 милијарди евра од парите на ЕУ. Средствата ќе бидат наменети за поддршка на националните здравствени системи, работници и други ранливи делови на економијата. Покрај тоа, шефицата на Еврокомисијата ќе достави предлог до Еврогрупата за да се разјаснат правилата на ЕУ за ограничувањата на јавното трошење и јавните субвенции во однос на здравствена вонредна состојба.
Комисијата најави дека ќе одржува дневни телеконференции за координирање на мерките со министрите за здравство и министрите за внатрешни работи, кои се одговорни за чување на границите. Комисијата, исто така, ќе состави тим од епидемиолози и вирусолози за да обезбеди насоки за справување со вирусот. Таа веќе мобилизира 140 милиони евра од јавни и од приватни фондови за истражување вакцини, дијагнози и третмани, а е во постојан контакт и со производителите на медицински помагала за да се осигури дека заштитната опрема и маските стигнуваат до луѓето од најпогодените области.
Изминатите денови, државите-членки и европратениците ги критикуваа Франција и Германија за ограничување на извозот на заштитен материјал во земјите што имаат потреба, особено Италија.
За да почне да функционира новиот корона-фонд, Комисијата ќе предложи да се стават на располагање 7,5 милијарди евра од структурните фондови на ЕУ и да се формира работна група за националните експерти за да се осигури дека парите ќе се распределуваат наредните недели. Комисијата нагласи дека фондот може брзо да достигне до 25 милијарди евра.
Инаку, телеконференцијата се одржа пред утрешниот состанок на Европската централна банка, на кој таа се очекува да донесе дополнителни монетарни мерки за поддршка на економијата и да го минимизира ризикот од рецесија во еврозоната. Лидерите на ЕУ повикаа на „координирана стратегија“ во која се вклучени земјите-членки, Европската комисија и Европската централна банка.
Од централната банка се очекува да ги прошири кредитни линии и да ги намали каматните стапки за поддршка на „реалната економија“. Но поради ограничениот простор за маневрирање на банката, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ЕУ треба да се подготви за „подлабок економски одговор“, кој вклучува и „значителен“ буџетски стимул. Владите на ЕУ, меѓу кои и на Германија, Франција, Италија и Шпанија, најавија економски пакети за справување со коронавирусот. Сепак, стимулот претставува само мал дел од економското влијание на коронавирусот, бидејќи драматичното ширење на болеста продолжува да влијае на економските активности во целиот блок.
Италијанците нема да плаќаат сметки, даноци и кредити
Италија ќе ги прошири мерките со кои ќе ги ублажи последиците од коронавирусот за економијата и општеството, кои предвидуваат и запирање на плаќањето сметки, даноци и хипотеки, пренесе хрватскиот портал „Индекс“.
Италијанската влада ќе одобри мерки во вредност од околу десет милијарди евра. Првиот круг мерки ќе вклучува запирање на плаќањето сметки, даноци и хипотеки за да се ублажи притисокот врз малите компании и домаќинства. Други мерки ќе бидат воведени дополнително, изјави за италијанското радио Капитал италијанскиот министер за индустрија Стефано Патуанели.
Болеста се прошири во целата унија
Податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести покажуваат дека коронавирусот се проширил на територијата на целата Европска Унија, при што Италија е најпогодена земја надвор од Кина и таа сега е целосно под карантин, посочи „Форбс“.
Кипар вчера беше последната членка на ЕУ што објави први два случаја на коронавирус. Според податоците, најпогодена земја е Италија со над 9.000 потврдени случаи и со над 460 жртви, по што следуваат Франција со 1.400 заболени и со 30 жртви и Шпанија со над 1.200 потврдени случаи и со 28 жртви.