Матео Салвини и италијанската ултра-десница открија нова цел во нивната борба за маргинализирање на муслиманите, а тоа се тортелините без свинско месо
Автор: Џорџо Гиљоне
Форин полиси
Најсветото нешто во Италија е храната. Кога папата делеше ручек за сиромашните во Рим на 17 ноември, менито, наместо гестот, ги наполни насловните страници на медиумите. Папата, кој не е омилен меѓу десничарите, се најде на удар на критики во конзервативните медиуми затоа што лазањите што Неговата светост ги послужи беа без свинско месо. Ватикан знаеше дека дел од присутните ќе бидат муслимани и поради тоа послужи месо според халал-стандардите, но италијанската десница ова го сфати како двојна навреда. Не само што папата Франциск покажа милост кон имигрантите, туку и го уништи најпознатиот рецепт на италијанската кујна во кој традиционално се користи свинско и телешко мелено месо.
Во едно скорашно телевизиско гостување, Матео Салвини, лидерот на ултра-десничарската партија Лига, остро ја критикуваше ЕУ затоа што една европска директива која наложува да се наведе потеклото на храната им го отежна животот на италијанските баби кои продаваат домашни тестенини во јужниот град Бари. Тој изјави дека „ако одите во посета на Бари и не ги сакате Свети Никола и фокачата, тогаш слободно вратете се назад во татковината“, мислејќи на светецот заштитник на градот и на кулинарскиот специјалитет. Никој немаше ништо против фокачата, но Салвини во одбрана сакаше да појасни дека „не треба да се менува традицијата“.
Во Италија храната стана срцето на културната војна што ја водат десничарските партии и нивните медиумски сојузници против мултикултурализмот и европските бирократи. За десницата, традиционалната кујна не само што е извор на националната гордост, туку и симбол на националниот идентитет за кој тие сметаат дека е загрозен од страна на мултикултурализмот и политичката коректност. Тие се заколнаа дека ќе ги бранат лазањите и тортелините кои според оригиналните рецепти се приготвуваат со свинско и телешко мелено месо, како и мешавина од свинско и пршута, од истата причина поради која ги бранеа сцените од раѓањето на Исус и крстовите во државните училишта, за од италијанската култура да се отфрлат италијанските муслимани кои според верата не јадат свинско. (Eвреите, чија вера исто така забранува јадење свинско месо, исто така се дел од ваквата реторика. Во Италија нема многу Евреи, а преостанатите не се придржуваат строго до прехранбените стандарди. Малкумина од нив кои се посветени на верата не учат во државни училишта, така што ретко може да се види италијански Евреин да протестира што се служи свинско месо во мензите).
Откако папата послужи лазањи без свинско месо, истакнатиот конзервативен католички автор Антонио Сочи напиша коментар во десничарскиот весник „Либеро“, во кој го обвини Франциск дека прифатил „самоубиствена, мултикултуралистичка идеологија која води до отфрлање на сè што е христијанско или западно“. Свинската лазања, како што тврдеше Сочи, е сржта на „италијанската цивилизација, како и виното и пармезанот“.
Контроверзите околу папската лазања не е изолиран инцидент. Кога болоњскиот бискуп Матео Ѕупи организираше вечера за сиромашните во октомври, на денот на светецот заштитник на градот, тој се најде на удар на жестоки критики од слична причина. Бискупот послужи тортелини кои се тестенини во кружна форма полнети со пршута или ситно сецкано свинско месо. Но за да можат да јадат и гостите муслимани, тортелините беа приготвени со пилешко месо. Изборот на месо го разбесни Салвини кој го обвини бискупот дека ја „брише италијанската историја“.
Иако популистичката десница вети дека ќе ја штити традицијата од имигрантските култури и глобализацијата речиси насекаде, сепак има нешто посебно, што акцентот се става на храната. Тоа делумно може да се објасни со фактот што храната има посебно место во италијанската култура. Многу Италијанци се згрозуваат од идејата за „хавајска пица“, односно сметаат дека пицата со ананас е кулинарско злосторство, без разлика на нивната политичка ориентација, па така на Интернет може да се најдат многу видео-снимки на кои италијански бабички се шокираат како нивната кујна се сквернави во други држави.
Но Давиде Марија де Лука, политички известувач за онлајн изданието на „Ил пост“, верува дека постои и друго објаснување, поточно според него, „Италија е држава со ниско ниво на патриотизам, па затоа рецептите за лазања или тортелини се користат како одбранбено оружје“. Исто така и во Франција, храната се користи како оружје за одбрана од муслиманските имигранти. Членови на десничарската партија на Марин Ле Пен водеа кампања против ќебапчилниците, а националистичкото движење „Идентитетски блок“ организираше фестивали во чест на традиционалните дебели француски колбаси и црвеното вино.
Десничарската реторика за пуризмот во исхраната во Италија започна на крајот од 1990-тите години што се совпадна со првиот голем доселенички бран од Северна Африка и подемот на партијата Лига. Тогаш Лига беше сепаратистичка партија концентрирана во богатиот северен дел на државата (кога партијата се викаше Северна лига), но исто така беше против имиграцијата. Со здружувањето на овие две агенди, партијата го смисли слоганот „Да за палента, не за кускус“. (Палентата е популарно јадење во северна Италија).
Но само во изминатите неколку години таканаречениот прехранбен суверенитет стана главна политичка тема. Во 2017 година, десничарската локална самоуправа во Трст ја забрани „етничката“ храна во мензите во државните училишта за ја „заштити традицијата“. Во 2018 година, конзервативниот градоначалник на Џенова забрани да се отвораат интернационални ресторани во некои делови од центарот на градот, исто така во име на „европските традиции“. Пред неколку години, францускиот градоначалник на Безие, Роберт Менар, најави дека ќе го блокира отворањето на ќебапчилниците, затоа што тие „немаат никаква врска со нивната култура“.
Иако ова не е историски точно, идејата дека кулинарската традиција на државата не треба да се менува и дека треба да се заштити од надворешно влијание стана суштински дел од десничарскиот дискурс на Италија. Кога еден наставник од средно училиште се најде на насловните страници во ноември затоа што јавно им се заканувал на некои од неговите ученици кои учествувале во антинационалистички протест, дека ќе им стави единици, италијанските медиуми веднаш пренесоа дека наставникот Џанкарло Таламини имал свој портал на кој гордо признал дека е расист „затоа што обожувал палента и тортелини“.
Фабио Парасеколи, професор по кулинарство на универзитетот „Њујорк“, ова го нарекува гастропопулизам. Тој вели дека храната станала замена за опис на националниот идентитет и е нешто со кое сите можат да се поистоветат. Парасеколи смета дека „храната го дефинира нашиот идентитет. Таа е лесна алатка во дијалогот за суверенитетот, затоа што опфаќа неколку чувствителни точки. Храната ги внесува во секојдневието големите светски проблеми“.
Храната нè прави сентиментални, затоа што честопати е силно поврзана со личните сеќавања, нашата историја и најдлабокото чувство за идентитет. Идејата дека храната со која сме пораснале може да ни биде одземена од страна на силите на глобализацијата е моќен реторички алат, дури и да не е така.
Превод: Билјана Здравковска