Европската Комисија денеска предложи нови правила за отстранување на „терористички содржини“ на интернет во рок од еден час.
Секоја интернет платформа која ќе сака да делува во ЕУ ќе треба да почитува строги правила за да се избегнат злоупотреби во терористички цели, најави денеска Европската комисија.
-Европејците со право очекуваат од ЕУ да ја чува нивната безбедност, затоа ЕК денеска предлага нови правила за отстранување на терористички содржини во рок од еден час, што е пресудниот рок во кој се прави најголемата штета, изјави претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер најавувајќи ја мерката.
Според официјални информации во ЕК само во јануари 2018 околу 700 пропагандни материјали на ИД се прошириле преку интернет.
Новите правила на Европската Комисија, освен рокот од еден час, налагаат и јасно да биде дефинирано значењето на терористичка содржина, односно содржина која дава инструкции или ги промовира активностите на терористичката група.
Платформите ќе мораат да заземаат проактивни мерки на интернет, а ќе мора да се зголеми соработката со земјите членки и Европол 24 часа во денот за да се олесни отстранувањето.
Европската Комисија уверува дека силни заштитни механизми ќе бидат воведени за да можат да се поднесуваат поплаки за неоправдано отстранување на содржини и повторно објавување на содржините во тој случај.