Секоја промена на царините помеѓу САД и ЕУ има капацитет да влијае на трговијата и ќе доведе до промени на добросостојбата на сите засегнати страни во овој сектор. Па, така, со зголемувањето на царините за француското вино, САД ќе ги зголемат царините и за вината увезени од Шпанија, Португалија, Италија и од Германија, оценува „Нејшнл интерест“

Француското вино може да биде следна жртва на трговската војна помеѓу САД и Европската Унија, која не покажува знаци на стивнување. Американскиот претседател Доналд Трамп во јули ја повтори заканата дека ќе ги зголеми царините за француското вино. Но проблемот е уште посериозен, ако се земе предвид фактот дека зголемувањето на царините ќе ги погоди сите вина произведени во ЕУ. Виното е на прво место кога станува збор за земјоделската размена помеѓу САД и Унијата. Во 2018 година, ЕУ извезе на американскиот пазар вино во вредност од 5,6 милијарди евра, што е речиси 27 отсто од вкупниот увоз на странски вина во САД, наведува „Нејшнл интерест“.

И додека ЕУ и САД имаат високи царини на увозот на вино, тие суштински се разликуваат – царините на ЕУ се повисоки за амбалажираните производи и пенливите вина, додека, пак, американските царини се повисоки за наливните вина. Трговијата со вино исто така трпи влијание и од „нетарифните бариери“, односно од серијата домашни мерки за поддршка и регулативи во двата региона. Унијата има долга историја на производството на винова лоза, кое е многу регулирано. Во САД, регулативите на ниво на сојузна држава управуваат со продажбата и дистрибуцијата на вино, со што на крајот се зголемуваат трошоците за извозниците од ЕУ. Објавените царински тарифи јасно укажуваат дека европските царини се повисоки за комерцијалните премиум и суперпремиум-вина и пенливи вина, како и дека ситуацијата е сосема спротивна кога станува збор за наливните вина, просечните американски царини се повисоки од оние на ЕУ.

Сепак, тука не треба да се заборави дека за француските царини на увоз на амбалажирано вино одлучува ЕУ, а не Франција. Покрај тоа, царините се применуваат на ист начин за сите земји надвор од ЕУ што се членки на СТО, како на САД, така и на другите членки на Светската трговска организација. Овие царини се резултат од придржувањето на ЕУ на правилата на СТО, што беа договорени во 1995 година, за намалување на земјоделските тарифи за најмалку 15 отсто.

„Нејшнл интерес“ предупредува дека секоја промена на царините помеѓу САД и ЕУ има капацитет да влијае на трговијата и ќе доведе до промени на добросостојбата на сите засегнати страни во овој сектор. Па, така, со зголемувањето на царините за француското вино, САД ќе ги зголемат царините и за вината увезени од Шпанија, Португалија, Италија и од Германија. Тоа на крајот ќе доведе до скок на цената на увезените вина во САД, а овој дополнителен трошок ќе падне на товар на европските извозници, американските увозници и корисници, додека, пак, Владата во Вашингтон ќе ги собере дополнителните царински приходи. Истражувањата покажуваат дека мало зголемување на американските царини ќе го зголеми профитот за производителите на вино во САД, ќе наметне трошоци за американските уживатели на вино и ќе ја намали домашната благосостојба.


Кинеската врска

САД не се единствениот муштерија на производителите на вино во ЕУ и заканите на Трамп за зголемување на царините може да имаат непланирани последици на глобалниот пазар, особено во контекстот на актуелната трговска војна со Кина. Како одговор на американските царини за челикот и други производи, Кина воведе три рунди царини за американското вино, при што ефективната стапка сега е блиску до сто отсто. Кинескиот пазар на вино во моментот не е голем за американските извозници, но би можел да стане, ако се земе предвид растечкиот интерес за вино помеѓу кинеските потрошувачи. Во моментот, најголемиот дел од кинескиот увоз на вино отпаѓа на Европа, особено на Франција. Па, така, додека американското вино станува сѐ поскапо во Кина, благодарение на кинеските царини, побарувачката за француски вина може да се зголеми.
Повисоките американски царини за европските вина може дополнително да ги поттикнат производителите од ЕУ да ги развијат своите брендови на растечкиот кинески пазар. Иако директните ефекти од повисоките американски царини за вината од Унијата можеби се занемарливи во САД, индиректните ефекти од губењето на пазарот на вино во Кина би можеле на долг рок да имаат поголеми последици за американските производители.