Откако беа објавени детали од телефонскиот разговор помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега Владимир Зеленски, се очекува реакција од лидерите на ЕУ.
Во разговор со Зеленски, Трамп ја критикувал и германската канцеларка Ангела Меркел.
„Германија не прави ништо за вас… Кога разговарав со Ангела Меркел таа зборува за Украина, но таа не прави ништо…“, рекол Трамп, на што Зеленски одговорил дека се согласува со него „100 проценти“.
Зеленски рекол дека имал состаноци и со Меркел и со францускиот колега Емануел Макрон.
„Тие не воведуваат санкции за (Русија). Тие не прават толку колку што треба за Украина“, рекол Зеленски.
Јулскиот разговор на двајцата лидери предизвика политичка криза во САД, бидејќи се чини дека Трамп ја уценува Украина барајќи од неа услуга, а истовремено ѝ ја укинал воената помош што требало да ја добие.
Во разговорот, Трамп го повикува Зеленски да соработува во истрагата за бизнисот на Хантер Бајден, син на Џо Бајден, со локална компанија за гас.
Транскриптот на интервјуто е објавен откако демократите покренале официјална истрага за тврдењата дека Трамп извршил притисок врз Зеленски да ја отвори истрагата за да ги зголеми шансите во трката за реизбор во 2020 година.