ЕУ и Западот периодов ги зголемија своите безбедносни мерки за да не дозволат нови безбедносни инциденти на европско тло. Ваквите чекори, според пишувањата на медиумите, се должат на предупредувањата на разузнавачките служби за нови напади, како и поради сѐ уште тесните врски на талибанците со Ал каеда и другите терористичките ќелии
Безбедносната состојба во Авганистан предизвикува загриженост кај Западот
Голем дел земји од Унијата по брзиот пад на Авганистан во рацете на талибанците ги зголемија своите безбедносни мерки за да не дозволат нови терористички инциденти на европско тло. Ова меѓу другото го наведува бриселски „Евроњуз“, кој во својот текст пишува дека разузнавачките служби на Стариот Континент на големо се подготвуваат за евентуални безбедносни предизвици што би можеле да се случат поради тесните врски на талибанците со Ал каеда и другите терористички филијали. Имено, медиумот посочува дека, сепак, не треба да се заборави дека талибанците се истите екстремисти што наметнаа едно од најстрогите толкувања на исламскиот закон во светот и кои повеќе од половина деценија вршеа терористички напади во Авганистан и брутално постапуваа со сопственото население, лишувајќи го од најосновните слободи и права.
Врските со Ал каеда сè уште актуелни
Според медиумот, во моментов најзагрижувачки е што ова е истата група што обезбеди засолниште за Ал каеда и ѝ дозволи на терористичката група да изгради мрежа од кампови за обука на терористи, во која илјадници регрути научија смртоносни вештини директно од искуството на терористите, а сега се на власт и се во преговори за нивно меѓународно признавање.
– Услужноста на талибанците ѝ овозможи на организацијата на Осама бин Ладен да расте и да се развива, што на крајот резултира со голем број терористички напади на европска и американска територија, вклучувајќи ги и терористичките напади на 11 септември и бомбардирањето на возот во Мадрид во 2004 година. Талибанците никогаш не покажале никакви индикации за прекин на врските со Ал каеда и голем број терористички групи поврзани со неа – наведува „Евроњуз“.
Во меѓувреме, за истава проблематика новинските агенции пишуваат дека сликите на американските хеликоптери што ја евакуираат американската амбасада ќе го зајакнат движењето, кое несомнено ќе се врати да им задава безбедносни проблеми на Европа и на Западот во наредните години, дури и децении.
– Авганистан сега е подготвен да стане плодна почва за радикални исламистички терористи, потпомогнати од новите технологии што ги наследија од странските сили во земјата по напуштањето на Американците. Огромни делови на земјата сега се во ничии раце, а токму тоа се идеалните скривалишта за милитантите, кои бараат да најдат нов мирен дом, далеку од љубопитните погледи на американските сили – наведува магазинот „Политико“.
Како ќе реагира Западот?
Тешката состојба во Авганистан го поставува прашањето што може да направат ЕУ и нејзините сојузници за да ја ублажат кризата и, што е уште поважно, да ги заштитат своите стратегиски интереси и безбедноста на граѓаните. Како што анализираат западните медиуми на краток рок, од клучно значење е да се извлече меѓународниот персонал од Авганистан и оние што сѐ уште се под закана, како што се новинарите, активистките за женски права и сите поранешни службенички. Европа во меѓувреме ќе мора да се подготви за неизбежниот прилив на бегалци од Авганистан и ќе мораме брзо да работи за да ги избегне грешките и пустошот од бегалската криза во 2015 година. Како што наведува „Политико“, на долг рок, во Брисел ќе треба да постои конкретна стратегија кон новиот режим во Кабул, а санкциите се една од ретките преостанати алатки. Во исто време, разузнавачките служби од Стариот Континент ќе мора да соработуваат како никогаш досега доколку сакаат да се превенираат евентуалните нови терористички напади на кои периодов укажуваат безбедносните служби. Во овој момент, според анализите на светските медиумски куќи, важно е Европската Унија да покаже единство, користејќи ги сите дипломатски и геополитички алатки што се на располагање, за да ги заштити невините Авганистанци, но и безбедноста на Европејците и другите граѓани.