Пандемијата наметна здравствен притисок во содејство со други болести
Во моментов земјите од Европа, но и во светот се соочуваат со преоптоварени здравствени системи поради справувањето со пандемијата предизвикана од ковид-19. Тоа, според експертите, не само што ги потисна другите болести во втор план туку ваквата состојба може да предизвика нов бран заболувања, но овој пат тие да бидат од доменот на онкологијата
Во свет без ковид-19, милион Европејци би добиле дијагноза на рак уште од почетокот на пандемијата, наместо тоа, нарушувањето на здравствената заштита значи дека пропуштиле дијагноза што може да им го спаси животот. Ова, меѓу другото, во своја анализа го пишува електронското издание на магазинот „Политико“, кое оценува дека во Европа, но и во светот може да се зголеми бројот на пациенти со карцином, кои доколку не би била пандемијата би успеале во најмала рака да се излекуваат или да го дијагностицираат.
Како што наведува магазинот, ова е дел од процената на Европската организација за карцином (ЕКО) и Федерацијата на медицински невладини организации, кои по анализите на податоците за дијагноза низ цела Европа во последната година, утврдиле дека разликите меѓу годинашните нивоа на дијагностицирање на онколошките заболувања, во споредба со претходните години, се намалени. Тоа, според магазинот, ја отвора можноста Стариот Континент во блиско време да биде на удар од бран нови онколошки заболувања.
– Виновник е пандемијата, која ги преоптовари здравствените системи, го запре скринингот на карцином и ги одбиваше пациентите, освен во најтешките случаи. Резултатот е темпирана бомба, за која експертите велат дека веројатно ќе доведе до наплив на смртност од рак во следните две години, бидејќи на пациентите што беа запоставени среде пандемијата им беа дијагностицирани понапредни фази на болеста, а други го пропуштиле третманот – вели Миријам Крул, болнички фармацевт од Амстердам.
Континентот „темпирана бомба“ од болести?
Во меѓувреме во Италија, Националното здружение за рак проценува дека скрининг-снимките се намалени за 400.000 во првите пет месеци од пандемијата. Паралелно на ова, Француската национална лига против рак проценува дека има околу 30.000 случаи на рак што не биле откриени поради ковид-19. Долгорочното влијание останува да се види.
Студија објавена минатиот ноември на истава тема проценува дека во Велика Британија, пандемијата ќе предизвика, директно или индиректно, помеѓу 7.000 и 36.000 смртни случаи од рак за една година. Слично на ова, истражување направено на темата карцином објавено во „Де ланцет“ ги испитува податоците на британската Национална здравствена служба за да утврди зголемена смртност од разни видови карцином. Проценето е зголемување од 7,9 на 9,6 проценти на бројот на смртни случаи од карцином на дојка до пет години по дијагностицирањето и зголемување на ракот на дебелото црево од 15,3 на 16,6 проценти.
– ЕКО, која започна кампања да го сврти вниманието на проблемот во мај, проценува дека 100 милиони скрининзи на рак не се спроведени во Европа поради пандемијата и дека на лекарите ќе им требаат околу 12 месеци за да го дополнат ова. Лекувањето доцни со половина од пациентите заболени од карцином за време на пандемијата, а прекините се очекува да продолжат да влијаат на секое петто лице заболено од карцином во Европа – пишуваат европските медиуми. Експертите велат дека цената за поголема смртност од рак ќе биде платена во наредните години.
Има ли решение на повидок?
Сепак ракот, барем пред пандемијата, беше приоритет на Европската народна партија, најголемата група во Европскиот парламент. Според нивниот европски план за карцином, кој беше одобрен од претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, пред една година, која, пак, ја изгуби својата помлада сестра од рак уште во детството, имаше цел да се подобрат условите и третманите на заболените од карцином и за време на светската пандемијата.
Сепак, по ударот на коронавирусот, предложениот документ отиде во втор план и беше објавен дури во февруари 2021 година, по голем број одложувања. Во документот се забележува дека „пандемијата има сериозно влијание врз грижата за карциномот“ и во текстот се наведени „значајни активности за ублажување на влијанието на пандемијата врз грижата за карциномот“.