Америка заплени товар од четири нафтени танкери што потсетува на сликите на британските пирати кога ги напаѓаа шпанските флоти при крајот на 16-тиот век
Автор: Џулијан Ли
Блумберг
Дефинитивно мислев дека живееме во 21 век кога си легнав да спијам во четвртокот, но кога се разбодив утрото во петокот имав впечаток дека сум се вратил со векови во минатото, откако ги прочитав насловите за државно пиратство.
Вестите дека САД заплениле товар на четири нафтени танкери кои наводно пренесувале иранско гориво од Персискиот Залив до Венецуела многу ме потсетија на периодот кога британските пирати, кои во денешниов случај се државни, ги напаѓаа шпанските флоти кои пренесуваа злато, сребро и скапоцени камења од Новиот свет во Европа во 16-тиот и во 17-тиот век.
Во 1580-тите години, англиската кралица Елизабета прва започнала да издава „писма со печат и контрамерки“, односно дозволи за заплена на непријателски бродски товар по најфреквентните морски рути и споделување на приходите со Круната, на фаворизирани поединци како Џон Хокинс, Мартин Фробишер, Франсис Дрејк и Волтер Рали.
Исто како Велика Британија, САД си дадоа право да ги запленат поморските стоки за кои сметаат дека им припаѓаат на ентитети кои се наоѓаат на листата на странски терористички организации. Но методите се прилично променети од минатото. САД не им даваат дозволи за пиратство на физички лица, ниту, во овој случај, одлучија да применат воена сила. Висок американски претставник изјави за „Асошиејтед прес“ дека никаква воена сила не се користела при заплените. Во спротивно, закани за можни тешки санкции кон сопствениците, осигурителните компании и капетаните на бродовите се користеле при убедување за предавање на товарот.
Но концептот многу малку се промени во текот на 440 години. Една од најистакнатите поморски сили сè уште воведува свои закони со кои се дозволува заплена на товар на отворено море од нејзините непријатели. Еден ден претходно, САД ја осудија интервенцијата на иранските сили на еден мал нафтен танкер во меѓународните води. Во соопштението на американски предводеното Меѓународно безбедносно тело се наведува дека „таквото невнимателно, агресивно однесување на Иран го дестабилизира регионот и е закана по меѓународниот поредок заснован на правила“.
Во секој случај, последната реакција на САД беше еднакво базирана на меѓународни правила како онаа на Иран. Двата потега им послужија на целите на двете држави. Ниту една немаше поддршка на Обединетите Нации, ниту од друго меѓународно тело. Иран сега може да биде присилен да го возврати ударот.
Товарот што САД го запленија од четирите нафтени танкери, со околу 1,16 милиони барели на иранско гориво, според жалбата за конфискација, вреди околу 61 милион долари. Приходот што би се остварил од продажбата на стоките делумно ќе биде насочен кон американскиот Фонд за жртви на државно спонзориран тероризам. Речиси 80 отсто од побарувањата од тој фонд се поврзани со терористичкиот напад на Светскиот трговски центар во 2001 година. Сепак, Иран не беше поврзан со тој настан.
Покрај тоа што иранската влада беше лишена од приходите, а Венецуела од неопходното гориво, заплената на стоките има цел да спречи понатамошна испорака на иранска нафта. Налогот беше издаден во однос на товарот, а не на бродовите, така што тие ќе бидат ослободени кога ќе се истоварат стоките.
Високи претставници од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се очекува да одржат прес-конференција за да го соопштат истоварот на бродовите во Хјустон. Почнав да размислувам како би изгледало ова во ерата на кралицата Елизабета Прва. Таа би приредила банкет за Франсис Дрејк во Дептфорд на реката Темза во 1581 година и би го прогласила за витез на палубата на неговиот брод „Златна срна“ со кој бил запленет шпанскиот товар. Разбудете ме кога повторно ќе дојде 2020 година.
Превод: Билјана Здравковска