Владејачката партија на Мјанмар, Националната лига за демократија (НЛД), денес потврди дека армијата ги уапсила претседателот Вин Минта и лидерката на партијата Аунг Сан Су Чи и ги повика граѓаните да останат смирени, при што странските држави ги осудуваат воените дејствија во првичните реакции, пренесува Ројтерс.
Воената акција следеше утрово, бидејќи генералите побараа од владејачката партија да ја одложи денешната конститутивна седница на парламентот на која НЛД освои 83 проценти од местата, а портпаролот на партијата Мио Ниунт за Ројтерс изјави дека покрај Аунг Сан Су Чи, притворен е и претседателот Вин Минт и други партиски лидери.
Владејачката партија ги повика граѓаните да не реагираат на акцијата на армијата, чии припадници патролираат по улиците на поголемите градови, а телефонските линии и Интернетот се прекинати во Непјидо и Јангон.
Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден бил свесен за апсењето на Аунг Су Чи.
– Соединетите држави се спротивставуваат на секој обид за промена на исходот од неодамнешните избори или ја попречуваат демократската транзиција во Мјанмар и ќе ги преземат сите мерки против одговорните за овие случувања доколку не се промени ситуацијата – рече портпаролката Џен Псаки.
Австралиската влада соопшти дека е длабоко загрижена од извештаите дека војската повторно се обидува да ја преземе контролата над Мјанмар и повика на итно ослободување на нелегално притворените политички лидери.
Јапонија соопшти дека ја следи ситуацијата, но во моментов не планира да ги повлече јапонските државјани од Мјанмар.
Армијата на Мјанмар рано утрово прогласи вонредна состојба, ја презеде власта во земјата и потврди дека извршила апсења на високи владини претставници како одговор на наводната измама за која тврдат дека била извршена за време на изборите минатата година и му ја предала власта на командантот -началник, генерал Мин Аунг Хлаингу.
Политичките тензии во земјата ескалираа минатата недела кога портпаролот на армијата одби да ја исклучи можноста за државен удар, само неколку дена пред свикувањето на новиот парламент и предупреди дека вооружените сили можат да преземат мерки доколку не бидат разгледани нивните поплаки за изборна кражба.
Изборната комисија на Мјанмар во четвртокот ги отфрли тврдењата на армијата за изборни измами и ги потврди резултатите од гласањето, на кои НЛД освои 83 проценти од местата во парламентот, што доведе до најдиректни конфронтации меѓу цивилната влада и армијата.
Уставот на Мјанмар предвидува 25 проценти места во парламентот за армијата и контролата на трите клучни министерства во новата администрација на Чи, а командантот на армијата Мин Аунг Хлаинг, рече дека уставот треба да се укине доколку не се почитува, повикувајќи се на претходни случаи каде се случуваше во Мјанмар, соопшти агенцијата.
Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, остро ја осуди воената акција и денешното притворање на Аунг Сан Су Чи и другите политички лидери во Мјанмар и го повика военото раководство да ја почитува волјата на народот изразена на последните избори.
„Овие настани се сериозен удар врз демократските реформи во Мјанмар, сите релевантни лидери во земјата треба веднаш да започнат дијалог и да се воздржат од какво било насилство и целосно да ги почитуваат човековите права и основните слободи“, рече портпаролот на генералниот секретар на ООН, Стефан Дизарик.