Хенри Кисинџер за самитот Бајден – Си Џинпинг
Добар почеток. Со овие зборови прагматичарот на реалполитиката Хенри Кисинџер (98) го опиша завршениот виртуелен самит меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега Си Џинпинг, кој се одржа неделава. Кисинџер, кој важи за еден од големите експерти за меѓународни односи, односот меѓу двете земји го опиша како планински премин, кој мора да се мине.
– Поминуваме планински премин, на работ сме од кој можеме да тргнеме од двете страни. Зависи од која страна ќе избереме – посочи Кисинџер за светските медиуми, додавајќи дека сега е важно, по разговорите, да има конкретни чекори од двете страни, за што претседателите дадоа и насоки.
Истовремено, „Фајненшл тајмс“ во својот коментар на истата тема ги отфрла медиумските наводи дека разговорот меѓу двајцата државници бил без резултати и наведува дека се преговарало и за нуклеарните арсенали, што, според експертите, значело отстапка на кинескиот претседател.
– Тоа е навистина голем успех за самитот Бајден – Си – истакна Џејк Саливан, советник за национална безбедност на американскиот претседател.
Инаку, како што пренесуваат западните медиуми, Си и Бајден разговарале за потребата од „стратегиска стабилност“, односно нуклеарна стабилност. Според пишувањата, Пекинг и Вашингтон начелно усогласиле план и насоки за подобрување на идните меѓусебни политики и односи. Ривалството меѓу Кина и САД, кое во својата суштина има повеќеслојна меѓузависност, го дефинира овој век. Затоа двете страни мора да бидат во постојан контакт и да бараат решенија за спорните точки да не станат конфликти, наведуваат медиумите.