Талибанците ја вратија контролата врз голем дел од Авганистан откога зазедоа главни градови на уште четири провинции во молскавична офанзива, која постепено го опкружува Кабул, само неколку недели пред САД официјално да го завршат повлекувањето од земјата.
Според последните информации, последен паднал Тирин Кот, главниот град на провинцијата Урузган, а пред него властите од Кабул ја загубиле контролата над Кандахар, како и врз градовите Херат и Пули-Хумри, пренесува АП.
Талибанските бунтовници го заробиле командантот на авганистанската милиција Мохамед Исмаил Кан по освојувањето на западниот град Херат.
Кан, познат како Лавот од Херат, се борел против Советите во 80-тите и бил клучен член на Северната алијанса, чии војници, поддржани од САД, ги соборија талибанците во 2001 година.
Талибанците соопштија дека во моментот држат 17 главни административни центри oд 34 провинции (колку што има Авганистан), вклучувајќи ги градовите Заранџ, Газни и Кундуз, што е 60 километри од најблискиот граничен премин до Таџикистан.
Тие сега контролираат повеќе од две третини од земјата само неколку недели пред Соединетите Американски Држави да ги повлечат своите последни војници од Авганистан.
Иако главниот град Кабул уште не е директно загрозен, напредокот на талибанците на другите места дополнително го зголемува притисокот врз властите во Кабул, а најновата американска воена разузнавачка процена сугерира дека авганистанската престолнина би можела да биде нападната во рок од 30 дена и ако продолжат сегашните трендови, талибанците би можеле да добијат целосна контрола врз земјата за неколку месеци.
Британија вчера соопшти дека ќе испрати околу 600 војници во Авганистан за да им помогнат на британските граѓани да ја напуштат земјата поради зголемената загриженост за безбедноста по брзиот напредок на талибанците, а САД исто така објавија дека испраќаат дополнителни 3.000 војници во Авганистан за да помогнат во евакуацијата на персоналот од американската амбасада во Кабул.
Поради брзото напредување на талибанците и алармантната ситуација во врска со евакуацијата на западните службеници, денеска беше свикан итен состанок на НАТО-сојузниците, а дека ќе ги затворат своите амбасади во Кабул, најавија Норвешка и Данска. Германија драстично ќе го намали бројот на вработени во својата амбасада, а Франција уште еднаш ги повика своите државјани да ја напуштат земјата.