Двајца мажи уапсени под сомнение за заговор за насилни дејства во Каталонија им кажале на шпанските истражители дека правеле и тестирале експлозиви, изјави извор поврзан со истрагата.
Двајцата мажи, кои според обвинителите планирале неколку напади во наредните недели, се меѓу седумтемина приведени во шпанскиот регион во понеделникот.
Секоја употреба на експлозив од страна на приврзаниците на каталонското отцепување би претставувала драстична промена во тактиката.
Прашањето со години претставува голем проблем за Шпанија, што во 2017 година доведе и до најголемата политичка криза во земјата во последните неколку децении кога регионот кратко прогласи независност. Но, поддржувачите досега го искажуваа својот став преку масовни протести и политичко дејствување, а не напади.
Изворот за „Ројтерс“ изјави дека двајца од уапсените им кажале на истражителите дека купиле хемиски компоненти за да направат експлозив и извршиле тестови во еден каменолом. Инспекторите поседуваат видеозапис на кој се гледаат неколку активисти како вршат тестови на експлозивот, додаде изворот.
Обвинителите на Врховниот суд во Шпанија побараа седумтемина да се соочат со обвиненија за тероризам и поседување експлозиви. Тие се очекува да се појават на суд в четврток, каде што судијата ќе одлучи дали официјално ќе ги поведе овие обвиненија.
Обвинителите соопштија дека нападите биле планирани помеѓу годишнината од референдумот за независност на Каталонија на 1 октомври и објавувањето на пресудата во судењето на сепаратистичките лидери во Мадрид, што се очекува во првата половина на октомври.