Две муслиманки биле прободени со нож под Ајфеловата кула во Париз. Француската полиција уапси двајца осомничени напаѓачи, а медиумите пренесуваат дека станува збор за расистички напад затоа што наводно напаѓачите извикувале: „Валкани Арапи!“
Обвинителството во Париз ги опиша осомничените, кои се во притвор под обвинение за обид за убиство, како „бели жени со европски изглед“.
Нападот се случува во моменти на зголемени тензии во Франција по бруталното убиство на наставникот Самуел Пети, кого го обезглави 18-годишен исламист затоа што Пети им покажал на студентите карикатури на Мухамед, кого муслиманите го сметаат за пророк, како дел од предавањето за слободен говор.
Жртвите на нападот се идентификувани како Французинки со алжирско потекло, 49-годишната Кенза и Амел, која е две години помлада.
Кенза била избодена шест пати и завршила во болница со пробиен бел дроб, а Амел завршила на операција за повреди на раката.
Кенза даде изјава за францускиот весник „Либерасион“: „Одевме како семејство, пет возрасни и четири деца. Во подножјето на Ајфеловата кула има парк кој е прилично мрачен. Одевме и видовме две кучиња како одат кон нас. Децата беа исплашени. Мојот братучед ги праша двете жени дали е можно да внимаваат на кучињата, бидејќи нашите деца беа исплашени“.
Сопственичките на кучињата, додава Кезна, одбија да им стават каишки на кучињата и многу бргу настана жестока кавга, во која беа користени и расистички навреди.
Една од сопственичките на кучињата, тврди Кенза, потоа извадила нож и ги нападнала.
Сведоците велат дека слушнале како напаѓачките извикувале: „Валкани Арапи“ и „Врати се во својата земја“, објави Дејли Меил.
Кога виделе што се случува, на нападнатите муслиманки им помогнале двајца работници од продавниците во близина, кои задржале една од напаѓачките до доаѓањето на полицијата.