Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп избра две воени бази во Тексас за сместување на мигранти кои се наоѓаат во притвор по илегалното преминување на границата, соопштија функционери од Министерството за одбрана.
Станува збор за базата Форт Блис и воздухопловната база Гудфелов, велат официјалните лица, кои побарале да останат анонимни.
Американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис вчера изјави дека се избрани две бази за сместување мигранти, но не прецизираше за кои бази станува збор.
Според еден од неименуваните службеници, децата без придружба притворени откако ја преминале границата со САД ќе бидат сместени во една од овие бази, додека во втората база ќе има семејства на задржани мигранти.