Директорот на училиштето чии ученици беа цел на вчерашниот крвав напад со нож, во кој имаше двајца загинати и 17 повредени, изјавил дека чувствува неизмерна тага поради нападот, пренесува „Гардијан“. Повеќето од повредените беа ученици од основното училиште „Каритас Гакуен“ во градот Кавасаки, во близина на Токио.

За нападот што траел помалку од 20 секунди, осомничен е Риуичи Ивасаки (51) кој потоа го одземал сопствениот живот. Инцидентот се случил на простор од околу 50 метри. Тој, наводно, бил вооружен со два ножа долги по 30 сантиметри, а уште две сечила биле пронајдени во ранец за кој се верува дека му припаѓал нему, според првичните резултати од истрагата која е во тек. Соседите го опишале Ивасаки како човек со „краток фитил“ со кого во повеќе наврати имале несогласувања. 

Наставниците од училиштето ја опишаа 11-годишната жртва, Ханако Карабајаши, како грижлива личност со добро срце, додека пак соседите рекле дека честопати ја гледале како го шета кучето заедно со нејзината мајка.

Нејзиниот татко побарал од медиумите да им биде оставен простор да тагуваат.

– Ве молам да нѐ поштедите денес. Ќе дадеме изјава и одговри на вашите прашања, со тек на време, но денес не можам да ја оставам сама мојата сопруга – им кажал тој на новинарите пред неговиот дом.

На оваа тема се огласил и директорот на основното училиште, Тетсуро Саито.

– Чувствувам неизмерна тага и болка кога ќе се сетам на невините дечиња и нивните родители, кои испраќајќи ги своите малечки во нашето училиште, беа жртви на овој дивјачки чин. Се трудам да го контролирам својот бес – изјавил тој.

Втората жртва, Сатоши Ојама, 39-годишниот службеник во министерството за надворешни работи кој ја испраќал својата ќерка во училиште, починал во болница од убодни рани во неговиот врат и грб. За среќа, неговата ќерка не е повредена.

Од полицијата соопштиле дека тој се здобил со убодни рани во грбот обидувајќи се да ги заштити децата.

Премиерот на Јапонија, Шинзо Абеј, изјавил дека владата ќе преземе мерки за да ја подобри безбедноста на децата за време на нивното патување до и од училиштето.