Данските политички партии дадоа зелено светло да почне изградбата на 18-километарскиот подземен тунел под теснецот Фемарн, кој треба да ја поврзе земјата со Германија, со што времетраењето на патувањето на граѓаните меѓу државите би се свело на само неколку минути.
Според објавените информации, работата на проектот од данската страна се очекува да почне во јануари 2021 година, а од германската страна во средината на 2022 година, додека изградбата на тунелот се предвидува да биде завршена кон средината на 2029 година. Изградбата на проектот беше одложена за шест месеци поради случувањата поврзани со пандемијата на ковид-19.
Тунелот ќе ја поврзува Северна Германија со данскиот остров Лоланд, кои се одвоени со Фемарн, водниот теснец на западниот дел од Балтичко Море.
Проектот ќе чини седум милијарди евра, а ќе вклучува железница со две пруги и автопат со четири ленти. Тој ќе им овозможи на возовите и на автомобилите да минуваат низ тунелот за време од само седум, односно од десет минути. Во моментот, на фериботите им е потребен еден час да ја поминат истата маршрута.
Кога ќе биде завршен, тунелот „Фемарн“ ќе биде најдолгиот подземен тунел од оваа категорија во светот.