Додека повеќето европски земји се сочуваат со недостиг од вакцини за имунизирање на своето население, научниците испитуваат дали комбинирањето различни вакцини ќе биде успешен рецепт за надминување на пандемијата

Повеќето европски држави ја разгледуваат можноста нивните граѓани што ја примиле првата доза на вакцината против ковид-19 од еден производител да ја добијат втората доза од друг производител поради некои од проблемите што се појавија неодамна во европската јавност, а се поврзани со британско-шведската вакцина. Имено, ваквите размислувања неодамна ги објави магазинот „Еуроактив“, кој на оваа тема информира дека овие гледишта во Европа се должат на загриженоста за безбедноста на една од вакцините одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), за која, според магазинот, биле пријавени извештаи за можна врска меѓу вакцината и ретки случаи на згрутчување на крвта.
Имено, како што наведува магазинот, Европската агенција за лекови (ЕМА) минатата недела на големо разговараше за можното таканаречено мешање на вакцините, односно ревакцината да се врши со вакцина од друг производител, за да не запре процесот на вакцинација низ Европа поради „релативно ограничената достапност“ на одредени вакцини што беа одобрени. Арлет, шефот на работната група за аналитика на податоци и методи, на прес-конференцијата во средата официјално потврди дека ЕМА нема издадено никакви препораки за употреба на различни вакцини како прва и втора доза.

– Постои теоретска причина дека мешањето на вакцините може да даде резултати и да биде безбеден и ефикасен пристап, но досега до ЕМА не се поднесени никакви податоци за да се направат анализи и да се излезе со официјален став – порача Арлет.
Во меѓувреме, бриселскиот магазин што пишува на оваа тема вели дека ваквите коментари се должат на загриженоста за безбедноста на вакцината на „Астра Зенека“, откако беа пријавени извештаи за можната врска меѓу вакцината и ретки случаи на згрутчување на крвта. Поради тоа, одреден број држави решија да ја суспендираат нејзината употреба, додека многу други продолжија со нејзино давање, но строго го ограничија за одредени старосни групи. Така, многу лица што примија прва доза од британско-шведската вакцина, сега повеќе не ги исполнуваат условите да ја примат ревакцината. Велика Британија минатата недела соопшти дека нема да им ја дава оваа вакцина на лица помлади од 30 години поради страв од појава на тромбови.
Во меѓувреме, Германија донесе одлука на 1 април за лицата под 60 години што ја примиле првата доза од оваа вакцина, ревакцината да биде со вакцина од друг производител.
Паралелно со ова, како што наведуваат западните медиуми, некои експерти веруваат дека вакцините може да се комбинираат, бидејќи сите тие имаат ист протеин на вирусот. Но нема докази дека ова би било ефективно.

Како што пренесе „Њујорк тајмс“, Велика Британија ги промени своите препораки уште во јануари и излезе со соопштение дека ако нема достапна втора доза на вакцината, тогаш лицата може да се вакцинираат со онаа што е достапна. Ваквата одлука зачуди многумина, затоа што тогаш немаше научни докази што покажуваат дека мешањето вакцини од различни производители би било безбедно и ефикасно. Во тек е истражувањето токму на оваа проблематика, наведува американскиот весник.
Од друга страна, на истава тема неодамна Норвешка соопшти дека допрва ќе одлучува дали ќе продолжи да користи вакцина на британскиот производител или ќе најде алтернативи до 15 април. Норвешките власти ги чекаат резултатите од британското истражување, кое почна во февруари, а во кое се испитува комбинацијата на вакцините меѓу „Фајзер“ и „Астра Зенека“.

Во Франција, вакцината на „Астра Зенека“ може да им се дава само на лица над 55 години, додека властите размислуваат да користат вакцини за мРНА произведени од „Фајзер“ и „Бионтек“ или „Модерна“ за втора доза. Оваа одлука сѐ уште не е донесена, бидејќи се чекаат дополнителни информации, пред сѐ од Британија, јави АП. Одлуката треба да се донесе до почетокот на мај, кога мора да започне вакцинацијата со втората доза во земјата.
Инаку Емер Кук, која е извршна директорка на ЕМА, минатата недела на оваа тема соопшти дека треба да се искористат „сите достапни вакцини на пазарот“ во борбата со пандемијата, притоа истакнувајќи дека ризикот од смртност од ковид-19 е многу поголем од ризикот, како што таа вели, од „ретките несакани ефекти“. Поради тоа, Кук истакна дека националните влади се тие што ќе решат дали ќе се користат други вакцини за жени под 60 години. Во меѓувреме, ЕМА ќе продолжи да го разгледува овој проблем и ќе излезе со официјално соопштение откако ќе ги има потребните информации.