Г7 е поделен околу трговските војни, климатските промени, Иран, но и околу бројот на членките, бидејќи земјите не можат да се договорат дали да ја примат Русија назад или можеби ќе загубат уште некоја членка.
Очекувањата за единство на годинешниот самит во Франција, од 24 до 26 август, се исклучително ниски, а такви сигнали испрати и самиот домаќин, претседателот
Макрон
Лидерите на групата седум економски најразвиени земји (Г7) викендов се среќаваат во француското туристичко гратче Бијариц, но очекувањата за единство на самитот се исклучително ниски. Такви сигнали испрати и самиот домаќин, францускиот претседател Емануел Макрон, во обид да го избегне минатогодишното фијаско од самитот во Канада, кога американскиот претседател Доналд Трамп го напушти состанокот порано, отфрлајќи го заедничкото коминике.
– Мораме да ги приспособиме форматите. Нема да има финално коминике, туку коалиции, заложби и дополнителни состаноци. Мораме да претпоставиме дека за една или за друга тема, некоја членка на клубот нема да се согласи – порача Макрон пред самитот на Г7.
Има многу причини за поделби меѓу членките на Г7. Најголемите од нив се трговските војни меѓу САД и Кина, кои ги зголемија стравувањата од глобална рецесија, несогласувањата околу мерките за справување со климатските промени, како и судирите за нуклеарниот договор со Иран, од кој САД се повлекоа, а другите сили го поддржуваат. Згора на тоа, повеќето членки на самитот доаѓаат со домашни проблеми. Канада чекори кон нови избори, германската канцеларка Ангела Меркел го губи влијанието дома и на светската сцена по најавеното повлекување, Италија остана без влада по оставката на премиерот Џузепе Конте, а Британија е на работ на брегзит или можеби пред нови избори. Борис Џонсон ќе дебитира на глобалната сцена како нов британски премиер и од него се чека да се види како ќе се позиционира за многу прашања. Во моментот неговата влада сака уште повеќе да се приближи до администрацијата на Трамп, надевајќи се на идни трговски договори по евентуалното заминување од ЕУ.
Конечно, членките на Г7 не можат да се усогласат ниту околу самиот формат на групата. Клубот Г7 сега го сочинуваат САД, Франција, Британија, Германија, Италија Јапонија и Канада. Претходно Г7 беше Г8, но мнозинството членки решија да ја избркаат Русија поради анексијата на Крим во 2014 година.
Трамп неделава ја повтори поддршката за враќање на Русија во Г7, а Белата куќа соопшти дека тој и францускиот претседател Макрон телефонски разговарале и се согласиле Русија да биде поканета на идниот самит во 2020 година, кога домаќини ќе бидат САД. Според изворите од администрацијата на САД, токму Макрон предложил Русија да биде поканета назад во клубот на наредниот самит во 2020 година, а Трамп се согласил. Сепак, истите извори за Си-ен-ен велат дека некои високи функционери во Белата куќа се сомневаат во искрените намери на Макрон зашто сѐ уште е непознато како ќе реагираат другите членки на Г7 на руската покана. Тие сметаат дека Макрон сака да го засрами Трамп, наведувајќи го јавно да се залага за враќање на Русија во клубот.
Макрон во понеделникот, за време на средбата со рускиот претседател Владимир Путин, рече дека решавањето на руската анексија на Крим би била „магичното стапче“ со кое Русија би се вратила во Г7. Француските власти инсистираат дека Макрон не ја променил позицијата за враќање на Русија во Г7 и дека условот сѐ уште е решавање на кризата со Украина. Според нив, Макрон верува дека во моментот има волја за наоѓање решавање на украинската криза дури и пет години по анексијата на Крим и дека сака да го отвори тоа прашање викендов, за време на самитот на Г7. Француските власти одбија да потврдат дали Макрон во телефонскиот разговор со Трамп предложил Русија да биде поканета на Г7 на наредниот самит во САД, во 2020 година.
Самиот Трамп неделава рече дека неговиот претходник Барак Обама ја избркал Русија зашто бил надмудрен од Путин. Трамп уште лани порача дека Русија треба да биде поканета назад.
– Русија треба да присуствува на овој самит. Треба да ја пуштат Русија да се врати назад, бидејќи таа мора да биде присутна на преговарачката маса – изјави лани Трамп во Белата куќа пред да замине на самитот на Г7 во Канада.
Путин, Макрон и седумте величествени на француската ривиера
Париз сака да се претстави како разумен и непристрасен преговарач. Таква намера имаше Макрон на средбата со Путин пред самитот на Г7
Францускиот претседател Емануел Макрон се обидува да го примени својот метод на владеење „одлево и оддесно“ и на меѓународно ниво, односно да ѝ ја даде на Франција улогата на разумен, непристрасен преговарач. Таква намера имаше Макрон и за време на средбата со рускиот претседател Владимир Путин на француската ривиера, во пресрет на самитот на седумте величествени од Г7 викендов во Бијариц. Целта на Макрон беше да постигне напредок во преговорите со Русија и за тоа да ги извести другите членки на Г7.
Тој потврди оти основен услов за враќање на Русија во Г7 е постигнување прифатливо решение за Украина, што, според него, е можно поради контактот на Русија со новиот украински претседател Володимир Зеленски, а за што посредуваше токму Макрон.
Во однос на Сирија, се потврдија несогласувањата што произлегуваат од различниот пристап кон војната, како и од самата дефиниција на тероризмот во тој регион. За тензиите меѓу САД и Иран постои руско-француски консензус за зачувување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година. Сепак, Русија, која и самата е цел на санкции од САД, тешко дека ќе прифати улога на медијатор во однос на ова прашање, сметаат аналитичарите на „Геополитика“.
Во пресрет на доаѓањето на Путин на француската ривиера имаше гласни барања од низа организации за заштита на човековите права рускиот претседател да биде прашан или укорен за „недемократското задушување на протестите“ во неговата земја. Макрон, во обид да го продолжи дискурсот, рече дека „Русија е европска земја со европски вредности“ и дека затоа апелира да се „почитува правото на протестирање“. Путин, пак, од своја страна, одговори дека не би сакал да се соочи со случувања како тие во Париз, алудирајќи на насилните протести на жолтите елеци.
Но во пресрет на посетата на Путин на Франција може да се слушне и незадоволството на компаниите од западните санкции против Русија. Санкциите што ги воведе ЕУ против Русија поради анексијата на Крим во 2014 година, на крајот ги казнија и самите творци, оценува „Геополитика“ нагласувајќи дека особено биле погодени француските фармери. На пример, со истовременото укинување на системот на квоти во производството на млеко на ниво на ЕУ и на извозот на млеко во Русија во 2015 година, Франција беше потресена од т.н. млекарска криза. Таа беше проследена со драматичен пад на цената на млекото и со голем пад во приходите на француските млекари. За споредба, европското ембарго на извозот на прехранбени производи во Русија ја поттикна руската прехранбена индустрија, која во 2017 година оствари рекорден извоз од 16,4 милијарди евра, посочува „Геополитика“.
Бијариц, познатото туристичко место на југот на Франција, деновиве е како тврдина поради одржувањето на 45-от самит на групата седум економски најразвиени земји во светот (Г7) од 24 до 26 август.
Француските власти воведоа строги ограничувања на патниот, железничкиот, поморскиот и на воздушниот сообраќај во и околу туристичкото место, кое е поделено на безбедносни зони со строго контролиран пристап за лица, возила, пловила и летала. Градот-домаќин се очекува да го обезбедуваат околу 10.000 припадници на полицијата и на армијата, а најголем дел од безбедносните мерки се насочени кон демонстрантите. Властите стравуваат од повторување на насилните протести, кои беа чести за време на претходните самити на Г7 или на Г20. Жителите, пак, се жалат на строгите безбедносни мерки, велејќи дека градот е претворен во бункер токму во екот на туристичката сезона.