Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш денеска изјави дека ќе ја посети Либија со цел да спречи судир помеѓу ривалските власти во земјата.

Тој на крајот од вториот ден на посетата на Каиро, истакна дека Либија била главна тема на разговор со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси.

Гутереш изрази надеж дека на средбата со самопрогласениот лидер на Либиската национална армија Калиф Хафтар и со премиерот на Либија, Фајез ал Сараџ ќе биде важен чекор за обединување на либиските институции.

Генералниот секретар на ОН ќе ја посети Либија две недели пред националната конференција, што ќе се одржи со посредство на ОН.

Либија е во длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога беше соборен од власт и убиен дотогашниот лидер Муамер ел Гадафи. Оттогаш со земјата управуваат паралелни влади со седиште во Триполи и во Тобрук, кои имаат одделни парламенти и оружени сили.