Канадскиот премиер Џастин Трудо беше цел на гневни демонстранти кои фрлаа со камења, во инцидентот за време на неговата турнеја низ Лондон, во канадската провинција Онтарио. Тој се враќал во својот автобус по посетата на локална пиварница за време на инцидентот. Како што пренесува „Би-би-си“, Трудо не е повреден.
Трудо распиша предвремени избори кон средината на август, со надеж дека ќе добие мнозинска влада за неговата Либерална партија. Но, неговата кампања беше нарушена со демонстрации против задолжителната вакцинација против ковид-19 и другите ограничувања. Пред нешто повеќе од една недела, канадскиот премиер беше принуден да го откаже изборниот митинг поради толпа лути демонстранти.
Говорејќи пред новинарите во неговиот предизборен авион по инцидентот во Лондон, Онтарио, Трудо рече дека можеби бил удрен во рамото и го спореди инцидентот со тоа кога една жена фрли семки од тиква кон него во 2016 година.
Според известувачот на „Си-ТВ Нешенал њуз“, две лица кои патувале со автобус за медиуми, исто така, биле погодени од камења и не се повредени.