Високиот топлотен бран што го зафати американскиот континент, особено во Канада и американските северни градови, изминатиов период одзеде стотици животи и ја активира дебатата за опасностите од глобалното затоплување
Екстремни горештини одговорни за многуте загрозени животи на американскиот континент
Историски топлотни бранови со екстремни високи температури, суши и големи шумски пожари е сликата што деновиве преовладува на северниот континент Америка. Временската криза што го погоди континентот периодов најмногу се чувствува во Канада, каде што во изминативе пет дена околу 485 лица починале како резултат од големите жештини, кои досега не се забележани во историјата на државата. Според извештаите од новинските агенции, температурата на воздухот во повеќе делови на земјата веќе четврти ден не се спушта под 49 Целзиусови степени. Како што пренесува Би-би-си, Литон, град во Британска Колумбија во Канада, во понеделникот го урна топлинскиот рекорд каде што во населеното место трет ден по ред биле измерени неверојатни 49,5 Целзиусови степени, поради што биле пријавени најмалку 130 ненадејно починати, од кои повеќето биле стари лица или луѓе со хронични здравствени проблеми. Во исто време тамошните експерти велат дека се очекува климатските промени да ја зголемат зачестеноста на екстремните временски услови, како жештините.
Меѓутоа, поврзувањето на кој било поединечен настан со глобалното загревање е комплицирано, оценува „Би-би-си“.
– Неопходно е меѓусебно да се проверуваме за време на овие екстремни жештини. Никогаш вакво нешто не сме доживеале. За жал, починаа десетици луѓе – кажа Мајк Каланџ, портпаролот на полицијата на Ванкувер.
САД во црвена метеозона
Во меѓувреме, ништо подобра не е состојбата со високите температури и на северот од САД. Имено, како што јавува „Си-ен-ен“, во голем број подрачја земјата е под црвена метеозона, вклучувајќи ја сојузната држава Орегон на западот од земјата, каде што се забележани рекордни локални температури над 40 Целзиусови степени.
– Продолжениот, опасен и незабележан бран жештина ќе продолжи цела недела и ќе биде сè полош – предупреди агенцијата „Енвајронмент“. Според хидрометеоролошката агенција, во моментов потопло е во делови на западот на Канада и северот на САД отколку во Дубаи. Паралелно на ова и во американските градови Портланд и Сиетл, исто така, се регистрирани највисоки температури од почетокот на мерењето на температурите во 1940 година. Агенциите пренесуваат дека клима-уредите и вентилаторите се распродадени на многу места додека некои луѓе побараа заштита од горештините во подземните гаражи или во нивните климатизирани автомобили. Според експертите за временска прогноза на американскиот весник „Вашингтон пост“, интензитетот на актуелната „топлотна купола“ (високиот топол притисок во атмосферата) е „статистички толку редок што може да се очекува само во просек еднаш на секои неколку илјади години“. Сепак, климатските промени предизвикани од човекот „ги направиле поверојатни ваквите видови вонредни појави“.
Планови за итни мерки
Зак Хаусфадер, научник од непрофитната организација за заштита на животната средина од „Беркли – планета“, изјави дека северозападот на Соединетите Американски Држави се загреал за 1,7 степен во последните 50 години.
Тој додаде дека ова, сепак, ќе биде екстремен топлотен удар без дополнително загревање.
– Ова е полошо отколку ако истиот топлотен удар се случи пред 50 години – рече Хаусфадер. Во исто време повеќе стручни анализи на оваа тема предупредуваат дека крајно време е да се преземат мерки против екстремните временски услови, посебно во најсиромашните земји, како во Африка. Веќе по 20 или 30 години, според извештајот на Светската банка, промената на климата ќе има речиси незамисливи последици. Сушите и поплавите ќе доведат до недостиг од храна.