Пандемијата на ковид-19 изминатава година го доведе светот во криза од библиски размери, а голем број аналитичари предупредуваат дека следните немири и безбедносни кризи на глобално ниво ќе се случуваат токму поради недостиг од основните суровини за храна
Можно ли е светот по пандемијата да навлезе во нова светска криза, но овој пат поради недостиг од храна. Сѐ повеќе меѓународни познавачи на состојбите отворено апелираат со месеци дека поради пандемијата предизвикана од коронавирусот е можно да дојде до загрозување на глобалната безбедност во наредните години кога станува збор за храната. Имено, цените на храната во светски рамки го забрзуваат темпото на раст, но моментот во кој се случува тоа, не е најсоодветниот. Ова меѓу другото во своја анализа го наведува угледниот магазин „Блумберг“, кој оценува дека во земјите во развој, каде што приходите на домаќинствата се значително пониски, зголемувањето на цените на храната може да стане сериозен социјален проблем, кој може да предизвика и дури следна безбедносна криза од глобални размери. Медиумот пишува дека во Индонезија, на пример, цената на соиното тофу-сирење е за 30 отсто повисока во моментов во споредба со декември минатата година. Слична е состојбата и со цените на основните производи за живот, како шеќерот, млекото и друго, во преостанатиот дел од светот, каде што во сите држави без исклучок поради пандемијата и намаленото производство на храна е почнато нагло зголемување на цените.
– Потрошувачите во САД, Канада и Западна Европа исто така не се имуни на ценовниот шок, бидејќи трговците, мачени од проблемите со синџирот на снабдување и зголемените трошоци за транспорт и логистика, но и намаленото производство на храна на глобално ниво, не се во состојба да го поднесат зголемувањето на цената на суровините. Ова значи дека крајната цена на повеќето намирници, порано или подоцна, ќе почне да расте – наведува магазинот „Блумберг“.
Растот на цените шок за синџирите на снабдување
На истото нешто во почетокот од оваа година предупредуваа и Светската програма за храна и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. Овие меѓународни институции за борба против гладот во еден од своите извештаи наведуваат дека опасноста е полоша отколку што се чинело првично, бидејќи најранливи се оние земји што со години се наоѓаат на работ на гладот. Експертите деновиве тврдат дека владите мора да работат заедно за да се справат со ризикот од нарушување на синџирите за снабдување со храна, кој може да предизвика и безбедносни кризи. Како потврда на нивните ставови, тие ги согледуваат мислењата на хуманитарните невладини организации, кои периодов велат дека глобалната криза со храна, предизвикана од пандемијата, би можела да биде полоша отколку што се стравуваше првично. Како што наведува РСЕ, хуманитарците оценуваат дека најсиромашните земји во светот ќе се соочат со „пандемија на глад“ во месеците што следуваат.
Од друга страна, професорката на универзитетот „Харвард“, Кармен Рајнхарт, експертка во оваа област, вели дека прехранбената криза што претстои поради ковид-19 многу тешко може да се спречи доколку не се дејствува глобално и со здружени сили.
– Индексот на ранливост на храната, според институтот „Номура“, рангира 110 земји врз основа на нивната изложеност на големи промени во цените на храната, земајќи ги предвид нивниот номинален БДП по жител, уделот на храна во потрошувачката на домаќинствата и нето-увозот на храна. Најновите податоци покажуваат дека од 50 земји најранливи на постојан пораст на цените на храната, речиси сите се економии во развој, во кои спаѓаат речиси три петтини од светското население. Всушност, зголемувањето на цените на храната би било светски проблем. Дури и во развиените економии, скокот на цените на храната ќе доведе до поголеми разлики меѓу богатите и сиромашните, влошувајќи ја веќе сериозната нееднаквост, која може да придонесе за нарушување на светската безбедност – вели Рајнхарт.
Таа посочува дека е неопходен мал степен на политичка координација во светот за да се спречи протекционизмот на храната да стане нов стандард по пандемијата.
Глобална координација за решение на проблемот
Во меѓувреме, цената на основните суровини за храна, како што се пченицата, сончогледот, сојата, пченката и шеќерот, рапидно расте, а глобалниот индекс на цената на храната во јануари достигна максимум во последниве шест години, јавува АП. Во развиените земји, краткорочните флуктуации на цените на храната се генерално помалку изразени, бидејќи повеќето прехранбени производи претрпуваат поголема обработка и снабдувачките синџири се пофлексибилни. Во процесот на претворање на едно пакување пченка во еден пакет тортилји од пченка, прехранбените компании имаат многу можности да намалат некои од преостанатите трошоци, како пакувањето, логистиката и сл. Но кога високите цени траат подолг временски период, производителите почнуваат да бараат начини да ги префрлат надолу по синџирот, што значи директно кон потрошувачите.