Универзитетот Мичиген и жртвите на сексуалното злоставување на Лери Насар, поранешен доктор на гимнастичарската репрезентација на САД и на универзитетскиот тим во Мичиген, постигнаа начелен договор според кој Универзитетот ќе им исплати 500 милиони долари.
Адвокатите на двете страни во заедничка изјава соопштија дека, според договорот, 425 милиони ќе се исплатат на 332 жртви застапени во сегашната постапка, додека универзитетот во посебен фонд ќе издвои уште 75 милиони долари за идните тужителки.
– До овој историски договор дојде благодарение на одважноста на повеќе од 300 жени и девојки кои имаа храброст да истапат и одбија да бидат замолчени- изјави еден од адвокатите.
Поранешниот долгогодишен доктор на американскиот гимнастичарски тим Лери Насар во декември минатата година беше осуден на 60 години затвор поради сексуално насилство што го извршувал повеќе години, а чии жртви, меѓу другите, биле американските олимпијки Ели Рајсман, Габи Даглас и Мекајл Марони.
Повеќе од 125 жени го обвинија Насар дека сексуално ги злоупотребувал. Повеќето се занимавале со гимнастика, некои од нив на највисоко ниво, а некои за време на студирањето на Универзитетот Мичиген, каде што Насар, исто така, работел. Некои од нив биле малолетни. Тој може да биде пуштен од затвор најрано за 25 години.