Германија треба да издвои милијарди евра, со кои ќе обезбеди план за развој во областа на вештачката интелигенција (ВИ), инаку ризикува да заостане зад САД и Кина.
Предупредувањето доаѓа од Ларс Клинбил – генерален секретар на Социјалдемократската партија (СПД). Првичниот проект на стратегијата за развој во областа на ВИ, објавен претходно оваа година, не ги исполни очекувањата, пишува Клинбил во коментар за весникот „Тагешпигел“.
– Навистина ни треба пробив – вели тој.
Производителите на автомобили како Фолксваген и Дајмлер се ранливи на конкуренцијата од страна на компании со „непостоечки“ материјални средства – како на пример платформата Убер, која користи вештачка интелигенција. Во суштина тоа се компјутери кои можат да бидат „обучени“ за решавање на задачи и нудење на дигитални услуги.
Поради оваа причина, Германија мора да ги достигне светските лидери во вештачката интелигенција. Сепак, земјата е попречена од застарена истражувачка инфраструктура и рестриктивни закони за заштита на податоците.
– Потребна ни е специфична инвестициска стратегија за вештачка интелигенција, да биде поддржана со износ, што е мерен во милијарди – пишува Клинбил.
Истражувачите на „СиБи Инсајтс“ проценуваат дека вкупната инвестиција во новоформираните компании за развој на ВИ технологии минатата година изнесувала 7,3 милијарди долари. Кина концентрира 48 отсто од вкупниот обем инвестиции во стартапи, САД – 38%, а Европа е дом на само 14% од светските ивестиции во оваа област.