Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш побара „итен прекин на сите непријателски активности и провокации, за да се избегне нов конфликт” на Блискиот Исток по израелско-иранската ескалација на сириска територија.
Гутереш, исто така, побара од Советот за безбедност активно да работи на сириското прашање за политичко решение.
Досега ниту една од 15-те земји членки на Советот за безбедност на ОН не побарала вонредно заседание поради воената ескалација меѓу Израел и Иран.
Постојаниот претставник на Израел Дани Данон, чија земја не е членка на Советот за безбедност, соопшти дека испратил писма до Советот и до генералниот секретар со барање „да ги осудат појавите на агресија на Иран”, како и да побараат од Иран „повлекување на неговото воено присуство во Сирија “.
Израел синоќа изврши десетици воздушни напади на ирански позиции во Сирија. Израел тврди дека реагирал на ирански проектили испукани на израелскиот дел од Голанската Висорамнина.