Врховниот суд на САД усвои построга интерпретација на Законот за илегалните имигранти од 1996 година, со која се бара апсење на оние лица кои се соочуваат со депортација, доколку извршиле какво и да било криминално дело во минатото, јави „Њујорк Тајмс“.

Според одлуката на Врховниот суд, илегалните имигранти кои очекуваат депортација се соочуваат со апсење без право на судска одлука, доколку извршиле макар и најмали кривични дела без разлика кога и да се случило тоа.
Судот ја усвои оваа интерпретација со пет гласа „за“ и четири „против“.

Борците за права на имигрантите побараа итно повторно разгледување на овој закон бидејќи со оваа интерпретација, илјадници имигранти се соочуваат со апсење и притвор додека на бидат депортирани, иако поминало долго време, понекогаш и многу години, откако биле осудени за минорни дела и потоа пуштени на слобода.

– Нема да биде исто за илјадници имигранти, бидејќи задржаните се лишени од одлука на Судот да се бранат од слобода, доколку тие не претставуваат опасност за околината или немаат намера да избегаат – оцени американски адвокат заштитник на правата на имигрантите.

На оваа строга одлука сега се изложени поединци кои ја преминале границата илегално, туристи или студенти кои во САД останале подолго од доделениот законски престој и жителите со постојан легален престој, односно оние што поседуваат таканаречени зелени карти.

Можат да бидат задржани и малолетни имигранти кои дошле во САД легално, но направиле минорни прекршоци пред многу години, како поседување на марихуана, за што биле осудени и ја отслужиле казната, велат борците за права на имигрантите.

Според судијата Семјуел Алито, Законот може да биде подложен на уставни предизвици во однос на некои поединечни дела.