Ким Пјонг-ил (65) беше сметан за наследник на „тронот“ уште од самото настанување на Северна Кореја. А сега, кога здравствената состојба на неговиот внук Ким Јонг-ун е неизвесна, неговото име повторно се спомнува, пренесува „Индија тајмс“.
Вујкото на Ким Јонг-ун е син на основачот на државата Ким Ил-сунг. Откако неговиот полубрат Ким Јонг-ил стана лидер на Северна Кореја (беше на чело на државата од 1994 до 2011 година), Ким Пјонг-ил доби ангажман во дипломатијата, работејќи во Унгарија, Бугарија, Финска, Полска и во Чешка, пред да се врати во Пјонгјанг минатата година. Ангажманот на Ким Пјонг-ил во дипломатијата е доказ дека Ким Јонг-ун никогаш не го сметал за закана.
Ким Пјонг-ил беше тргнат настрана, без присуство во објавите на државните медиуми, и без можност да претставува закана за водството на Ким Јонг-ун. Но, одредени познавачи на состојбата во Северна Кореја сметаат дека тој би можел да го наследи Ким Јонг-ун кој не именувал наследник. Првенствено затоа што припаѓа на семејството Ким и затоа што е маж, што се смета за негова предност во однос на Ким Јо-јонг сестрата на Ким Јонг-ун. Згора, тој има и поголемо искуство во однос на 30-годишната Ким Јо-јонг.
Конзервативното водство на државата би можело да се противи на преземањето на власта од страна на помладата сестра на Ким Јонг-ун, според Тае Јонг-хо, кој беше заменик-амбасадор на Северна Кореја во Обединетото Кралство пред да пребегне во Јужна Кореја.
Други пак, мислат дека Ким Пјонг-ил нема изгледи да стана лидер на Северна Кореја.
– Таквите теории ми се смешни – порача Ким Бијонг-ки, член на комитетот за разузнавање на јужнокорејскиот парламент.
Северна Кореја има практика да ги праќа во егзил во странство оние кои стануваат неподобни, во обид да се намали нивното влијание, истовремено правејќи ги и финансиски зависни од Пјонгјанг.
Доколку Ким Пјонг-ил дојде на власт, тоа би можело да доведе во опасност многумина од сегашното партиско раководство во Северна Кореја, кои со години работеа против него.