Капсулата наменета за потпомогнато самоубиство доби одобрение во Швајцарија, а нејзиниот креатор смета дека треба да биде подготвена за употреба следната година, пренесуваат светските медиуми.
Евтаназијата е легална во Швајцарија, а во 2020 година 1.300 лица ја искористиле можноста, покажуваат податоците на двете главни организации за „потпомогнато самоубиство“.
Животите на луѓето досега завршувале со голтање течен натриум пентобарбитал, кој ги ставал во длабока кома пред да умрат. Доктор Филип Ничке, сепак, развил капсула произведена од 3Д-печатач, која нуди поинаков пристап, и на клиентите им се гарантира брза и мирна смрт без никакви хемиски средства.
Капсулата ја реализира својата цел така што се полни со азот, кој брзо ја намалува концентрацијата на кислород, а личноста во неа умира како последица на хипоксија и хипокапнија. Дејството на капсулата предизвикува чувство на дезориентација, а лицето може да почувствува мала еуфорија пред да ја изгуби свеста.
Доктор Ничке тврди дека смртта настапува по 30 секунди и дека нема појава на паника или чувство на гушење. Исто така, капсулата се активира одвнатре, така што лицето може да го притисне копчето кога ќе биде подготвено за тоа. Капсулата е пренослива и може да се транспортира на која било локација.
Минатата година д-р Ничке изјави дека сака да ја отстапи оваа технологија бесплатно, така што програмата за печатење капсули би била достапна на интернет.
Од друга страна пак капсулата на Ничке предизвика остри реакции кај противниците на овој метод, кои сметаат дека таа е „застрашувачка“ и оти „го величи самоубиството“.