Најмалку 11 американски војници се повредени во иранскиот напад врз двете американски воени бази во Ирак, соопшти вчера американската Централна команда, иако претходно американската војска тврдеше дека никој не е повреден.
– Ниту еден американски војник не е убиен во иранскиот напад од 8 јануари врз воздушната база Аин ал Асад, но неколкумина завршија во болница поради симптоми како потрес на мозокот од ракетниот удар и нивната состојба сè уште се проценува – се вели во соопштението на портпаролот на Централната команда, Бил Урбан.
За време на нападот, во бункери биле евакуирани повеќето од 1.500 американски војници во базата.
Според претходните извештаи на американската армија, при ударот била предизвикана значителна материјална штета, но немаше извештаи за жртви или повредени.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така по нападот изјави дека ниеден Американец не е повреден.
Сепак, Урбан рече дека во деновите по нападот, некои војници биле преместени од воздухопловната база Аин ал Асад како мерка на претпазливост.
– Тогаш осуммина војници беа пренесени во ‘Ландштул’ (американска воена болница во Германија), а тројца беа пренесени во ‘Камп Арифјан’ (воена база на Кувајт) – соопшти тој.
Ирански ракети исто така удрија во воена база во главниот град на курдската регионална влада.
– Овие војници се очекува да се вратат во Ирак откако ќе се извршат прегледи и ќе се процени нивната подготвеност – рече Урбан.