Според информациите во медиумите, НАТО издало команда да распредели 40.000 војници во близината на руските граници, како одговор на заканувачката воена активност на Москва кон границите со Европа. Од друга страна, Кремљ информира дека руските воени трупи се подготвени да ја обезбедат националната безбедност од заканувачката воена активност на Алијансата

Иако Студената војна одамна е завршена, изминатиов период личи токму на времето од воените тензии по Втората светска војна меѓу Истокот и Западот, бидејќи армиите на НАТО од една страна и на Русија од друга вршат голем број меѓусебни провокации токму во просторот Источно од Европа.
Имено, неодамнешните сателитски фотографии, видео и други податоци направени од страна на Западот, кои укажуваат на поголеми движења на руските вооружени единици кон или близу границите на Украина и на полуостровот Крим, ја поттикнаа загриженоста на НАТО дека Русија се подготвува да испрати сили кон источното крило на Алијансата. Како одговор на ова воено јакнење на руските воени единици по должината на границата со Европа, НАТО предводено од САД деновиве реши да распореди 40.000 војници и 15.000 единици оружје и воена опрема во близината на руските граници.

Провокации на двете страни

На ваквиот чекор, но и на распоредувањето на американските поморски сили во Црно Море, Русија реагираше предупредувајќи ги САД и Алијансата да ги држат своите воени арсенали подалеку од нејзините граници, нарекувајќи го нивното распоредување во Источна Европа и Црно Море провокација наменета за тестирање на нервите на Русија. Токму во таа насока рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу завчера посочи дека Русија презема соодветни чекори за да одговори на заканувачката воена активност на НАТО, со што, според него, големите вежби на комбинираните вооружени руски сили ја покажале подготвеноста на трупите да ја обезбедат националната безбедност.
– Презедовме релевантни мерки за да постапиме во врска со заканувачката воена активност на Алијансата – изјави рускиот министер за одбрана, пренесува „Танјуг“. Според него, три големи армиски единици на воздухопловните сили се успешно распоредени на западните граници на Русија и во областите за обука и борбена практика.

Телефонски разговор меѓу Бајден и Путин

Во меѓувреме, во седиштето на НАТО деновиве се редат кризни состаноци поради засиленото распоредување руски војници на границите на Украина и Европа. Како што пренесува германски „Дојче веле“, случувањата во Европа беа и фокусот во темата на телефонскиот разговор меѓу претседателите на САД, Џо Бајден, и на Русија, Владимир Путин. Како што наведува германскиот медиум, Бајден во телефонскиот разговор со неговиот руски колега Путин ја истакнал непоколебливата поддршка на САД за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и ја повикал Русија да ги намали тензиите, соопшти Белата куќа. Во соопштението се додава дека Бајден изразил загриженост за засиленото распоредување руски војници на Крим, на украинската граница, но и кон источните делови на Европа. Американскиот претседател исто така притоа предложил во наредните месеци да се одржи и самит со Путин во трета земја. Кремљ од друга страна вчера само кратко потврди дека Бајден предложил таква средба, но не откри како одговорил рускиот претседател. Во исто време руските претставници продолжуваат да возвраќаат со остри критики на пораките од Западот.

– САД и другите земји на НАТО намерно ја претвораат Украина во буре барут – изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков. Инаку министрите за надворешни работи и одбрана на НАТО вчера одржаа видеосостанок за случувањата во Европа, Украина и во Авганистан. Со состанокот претседаваше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а на него присуствуваа и американските ресорни министри Ентони Блинкен и Лојд Остин во Брисел. Паралелно на случувањата во Брисел ситуацијата на теренот е сѐ потензична, потврдуваат и набљудувачите на ОБСЕ. Како што јави РСЕ, помеѓу 9 и 11 април, набљудувачката мисија на ОБСЕ во Доњецката Област во Украина забележала 367 прекршувања на примирјето помеѓу Украина и бунтовниците поддржани од Русија.


Русија ги предупреди САД „да се држат подалеку од Крим за нивно добро“

Русија ги предупреди САД да ги држат воените бродови подалеку од Крим „за нивно добро“, нарекувајќи го нивното распоредување во Црно Море провокација наменета за тестирање на нервите на Русија, пренесува „Ројтерс“. Како што наведува медиумот, ова е многу поостра изјава од руска страна за американското воено присуство во Црно Море и на Истокот од Европа, која се надоврзува на неодамнешната порака на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој коментирајќи го преминот на американските бродови во Црно Море истакна дека тоа е агресивен чекор на Вашингтон за кој Москва не ја разбира крајната цел.