ПОСЛЕДИЦИ ОД ДАНОКОТ ГАФА ВО ФРАНЦИЈА

Цел на францускиот данок за светските корпорации, познат како ГАФА („Гугл“, „Епл“, „Фејсбук“, „Амазон“), се приходите од огласувањето, препродажбата на податоци и провизијата на услугите што ги даваат најголемите дигитални платформи

Франција планира со т.н. данок ГАФА („Гугл“, „Епл“, „Фејсбук“, „Амазон“) да ги оданочи светските корпорации, чиј севкупен приход од дигиталните активности надминува 750 милиони евра, од кои над 25 милиони евра се остварени на францускиот пазар. Цел на данокот се приходите од маркетингот, продажбата на податоци и провизијата на услугите што ги даваат најголемите светски дигитални платформи. Станува збор за триесетина компании, претежно американски, но и за фирми од Кина, Германија, Шпанија, Британија, па и француски што биле откупени од странски конзорциуми. Па, така, од трите отсто од данокот ГАФА, ретроактивно од 1 јануари па до крајот на оваа година, француската држава ќе добие околу 400 милиони евра. Станува збор за мала сума, кога ќе се спореди со 17-те милијарди евра што владата на Емануел Макрон ги издвои за смирување на социјалните тензии, односно за конкретни одговори на барањата од жолтите елеци, меѓу кои е и барањето за оданочување на странските дигитални гиганти. Сепак, како што оценува порталот „Геополитика“, повеќе од јасно е дека станува збор за „војна на милијардерите“, кои ги затегнуваат односите помеѓу државите на што им се во служба.

Кога ќе се спореди новиот француски закон за оданочување на американските интернет-гиганти со нешто постариот закон, со кој беше намален даночниот притисок врз најбогатите Французи, благодарение на што во 2019 година остварија пораст на приходот од 68,8 милијарди евра, станува јасно зошто американскиот претседател и милијардер Доналд Трамп стравува дека со данокот ГАФА ќе бидат дискриминирани некои американски компании („Гугл“, „Епл“, „Фејсбук“, „Амазон“, „Инстаграм“ и „Ер-би-ен-Би“). Па, така, повеќе од очигледно е дека всушност станува збор за војна на милијардерите, кои ги затегнуваат односите помеѓу државите од каде што потекнуваат. За американските милијардери неприфатлив е данокот за работењето во Франција, додека, истовремено на француските милијардери им се одобруваат дополнителни даночни олеснувања.

Од една страна, според „Геополитика“, богатењето на француските милијардери е една од главните насоки на економската политика на Макрон. Тој се надева дека најбогатите ќе ги инвестираат парите, добиени благодарение на даночните олеснување, во домашната економија и креирањето нови работни места. Од друга страна, со критиките за „глупостите на Макрон“, Трамп доби шанса да отвори јавна дебата за оданочувањето на дигиталните платформи во Америка, за што порача и експертска студија. Меѓутоа, моќните американски компании не го чекаа објавувањето на резултатите од студијата за да го возвратат ударот. Веднаш реагираше светската дигитална платформа „Амазон“, чија европска структура неодамна беше реорганизирана, па затоа нејзината француска филијала можеше одделно да ја зголеми за три отсто провизијата на услугата што француските трговци ја плаќаат за користењето на оваа платформа. Истовремено, ако малите француски трговци, чии маржи и онака се минимални, ги зголемат цените на своите производи за три отсто, тие ќе бидат оштетени во однос на странската конкуренција, чии трошоци на работењето нема да се зголемат.


Ни збор од европското единство и солидарност

Легендарниот дефицит на европско единство и солидарност овозможува дигиталните платформи да имаат шанса седиштата на своите компании во ЕУ да ги сместат во државите со ниски даночни стапки, како Ирска или Луксембург. Интернет-гигантите, на пример, за работењето на францускиот и на италијанскиот пазар речиси ништо не плаќаат. Даночниот дефицит на ниво на ЕУ се проценува на осум милијарди евра, а речиси е невозможо да се наплатат, бидејќи Ирска, Финска, Данска, Шведска и Чешка отворено се противат на данокот ГАФА. Германија, која прво учествуваше во изработката на проектот за европски данок ГАФА, во последен момент се откажа, бидејќи не сака да се замери на САД. Малите скандинавски земји не ги интересира износот на парите што би можеле да ги добијат од данокот ГАФА на домашниот тесен дигитален пазар. Со прифаќањето на европски данок ГАФА, на Чешка би ѝ било наметнато раскинување на билатералните договори со кои изминатите години ја стимулираше „евтината“ инсталација на големите светски компании во државата. Истовремено, Шведска, која за неколку години создаде повеќе дигитални платформи чиј промет надминува една милијарда евра, со данокот ГАФА би си наштетила себеси. Па, така, Шпанија, Италија и Британија најавија, а Франција прва го воведе данокот ГАФА на национално ниво.


Наесен нови социјални безредија во Франција?

Со неуспехот на европскиот данок ГАФА, француските евроскептици добија шанса да го реактуализираат прашањето „за што служи ЕУ“, а експертската јавност се исцрпува во дискусиите за тоа дали стапката од три отсто е прениска или задоволувачка. Истовремено, движењето „Жолти елеци“ тврди дека 17-те милијарди евра од државната сметка не го подобрија значително нивниот животен стандард, исто како што ниту 68,8 милијарди евра повеќе во нивните џебови не отворија задоволителен број работни места.

Во меѓувреме, еврократите го потпишаа Договорот за слободна трговија со Канада – ЦЕТА. Најавен е увоз во ЕУ, меѓу другото, и на евтино канадско месо. Потпишувањето на Договорот за слободна трговија со земјите Меркосур (Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај), ги крена на нозе француските сточари.

Кога на ваквата зовриена социјална клима ќе се додаде и незадоволството на „зелената“ левица, која го афирмира познатиот факт дека слободната трговија е главен планетарен загадувач што влијае на климатското затоплување, лесно е да се предвиди дека претстојната есен ќе биде обележана со вриење на социјалната клима во Франција.