Чилеанскиот претседател, Себастијан Пинера, прогласи вонредна состојба во Сантијаго откако во градот со шест милиони луѓе синоќа избувнаа немири во кои една зграда беше запалена, а метрото беше блокирано.
Протестите избувнаа поради незадоволството од поскапувањето на јавниот превоз во градот, а демонстрантите подметнаа пожари во неколку метро станици, извршиле грабежи во повеќе продавници и запалиле градски автобус.
Во своето обраќање до нацијата, Пинера рече дека прогласува вонредна состојба во две провинции и две општини во поширокиот регион на Сантијаго заради сериозни и повторени напади на метрото, напади врз јавен и приватен имот како и за зачувување на безбедноста на граѓаните.
Претседателот на Чиле најави дека во наредните денови Владата ќе повика на дијалог со цел ублажување на последиците од поскапувањето на јавниот превоз за најсиромашните.