Пентагон и кинеската армија минатата недела го имаа првиот директен контакт по доаѓањето на американскиот претседател Џо Бајден на функцијата, кога преку видеоповик разговааа за „одржувањето на отворените канали на комуникација“, пренесува „Политико“.
Направен е чекор, но поранешните американски воени лица сметаат дека се потребни подобри средства за почеста комуникација, за да се спречи евентуална идна конфронтација помеѓу воените сили на САД и Кина во Индопацифичкиот Регион.
– Треба да постои чувство на итност – порача пензионираниот американски адмирал Скот Свифт, додавајќи дека непредвидливите ситуации би можеле да поттикнат воен конфликт помеѓу САД и Кина, надминувајќи ги сегашните системи за билатерална кризна комуникација.
Меѓу поранешниот кадар на американската војска постои загриженост дека системите за кризна комуникација со кинеската војска остануваат со висока несигурност. Нивната несоодветност претставува јасна и присутна опасност за потенцијална лоша комуникација која би можела да доведе до опасна воена конфронтација во време на засилените билатерални тензии во Тајванскиот Теснец и Јужното Кинеско Море.
– Многу сум загрижен во однос на тоа колку тешко би можело да биде спречувањето на ескалација од една или од двете страни – истакна пензионираниот американски генерал-полковник Карл Ејкенбери.
Се јавува отстуство и на директна комункација и помеѓу воените командири на САД и на Кина во Пацификот, со што Свифт предлага драстично реосмислување на сегашните комуникации за да се избегнат потенцијално катастрофални последици. Тој соработува со пензионираниот американски воен персонал, како и со кинеските државни и воени власти преку неофицијални канали, за да развие поефективен модел за билатерална кризна комуникација која би можела да се справи со постоечките предизвици.