Кубанските власти забранија пристап до социјалните мрежи, вклучувајќи ги „Фејсбук“ и „Вацап“, беше објавено денеска од глобалната компанија за следење на Интернет „Нет Блокс“, со седиште во Лондон. „Нет Блокс“ на својата веб-страница потврди дека комуникацијата на Куба на „Фејсбук“, „Вацап“, „Инстаграм’ и „Телеграм“ е „делумно нарушена“.
Забраната уследи откако илјадници Кубанци излегоа на улиците низ целата земја во неделата и побараа оставка од претседателот Мигел Дијаз-Канел.
Протестите избувнаа поради најтешката економска криза од распадот на Советскиот Сојуз, но исто така и поради рекордниот број на заболени со коронавирус, а луѓето го креваат својот глас и поради недостиг на храна, кршење на граѓанските слободи и начинот на кој владата се бори против пандемијата.