Рускиот претседател Владимир Путин застана на страната на неговиот белоруски сојузник Александар Лукашенко, кој е во расправија со Западот во врска со присилното слетување на авионот на „Рајанер“ и за апсењето на белорускиот дисидент, пишуваат руските агенции.
Путин, близок сојузник на Лукашенко, го поддржа својот колега, срдечно пречекувајќи го на разговорите во јужниот руски град Сочи. Двајцата лидери се согласија дека реакцијата на Западот за инцидентот е „излив на емоции“, пренесуваат медиумите.
– Едно време, тие го имаа принудено авионот на боливискиот претседател да слета, а потоа го извлекоа и ништо, тишина – рече Владимир Путин, осврнувајќи се на настанот од 2013 година кога авионот на Ева Моралес мораше да слета во Австрија во време кога САД се обидуваа да го уапсат Едвард Сноуден.
Разговорите меѓу Путин и Лукашенко во црноморскиот град Сочи беа организирани пред инцидентот со авионот, но доаѓаат во време кога голем број европски земји воведуваат забрани за летови на белоруски авиони. Европската Унија размислува и за дополнителни санкции.
Лукашенко му кажа на Путин дека ќе му покаже доверливи документи за летот на „Рајанер“ за да му помогне на рускиот лидер да разбере што навистина се случило.
– Секогаш постои некој што ни прави проблеми. Ги знаете, ќе ве известам за нив. Донесов некои документи за да можете да разберате што се случило – му рече Лукашенко на Путин.
Москва тврди дека Белорусија покажала подготвеност за транспарентност во спорот.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини западните земји за „демонизирање“ на властите во Минск, пишуваат медиумите.