Во истражување на американската медиумска куќа Си-ен-ен се наведува дека терминологијата и речникот, кои ги користат кандидатите за иден претседател на САД, Трамп и Бајден, во нивните говори за време на предизборната кампања, не ги задоволуваат основните критеруми за етика и политичка култура
Каква терминологија и каков речник користат американските кандидати Доналд Трамп и Џозеф Бајден во изборната трака за шеф на Белата куќа. Овие дилеми и слични ним се актуелни периодов во анализите на американски медиуми во време кога се зголемува динамиката на изборната трка за претседател на најмоќната држава во светот. Во своја анализа на темава, телевизијата Си-ен-ен пишува дека актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, симпатиите на поддржувачите во своите говори ги лови со теми поврзани со коронавирусот.
Во својот осврт на случувањата, Си-ен-ен цитира истражување на јавното мислење насловено „Достигнување“, кое изнесува информации дека Трамп во своите политики повеќе од Бајден ја користи фразеологијата поврзана со вирусот во своите јавни излагања. Медиумот информира дека од друга страна, кога би се анализирале говорите на Бајден, американските гласачи сиот овој изминат период слушаат термини што се поврзани со економијата и со спроведување политики за обнова на државата и човековите права. Според телевизијата, покрај честото користење на коронавирусот во речникот на Трамп, тој во своите говори најчесто ги користел зборовите: „извршна“, „наредба“, „стимул“, како и „Тикток“.
Од друга страна, пак, Бајден во јавните излагања најчесто ги користел зборовите: „убаво“, „чесно“, „добро“ и „грижа“. Си-ен-ен во својот прилог забележува и дека кандидатот на демократите во своите излагања честопати промовирал тези во кои истакнувал дека раководел со висока државна функција и во говорите пред гласачите редовно го користел терминот „потпретседател“ и сличните варијации на оваа титула. Во анализата телевизијата подвлекува дека кај Бајден честопати провејувале и негативни зборови за опонентот. Според Си-ен-ен, како што се заострувале протестите во САД, реториката на Бајден се менувала и тој честопати ги користел зборовите: „заедница“, „конвенција“, „латино“ и „Афроамериканци“ „прифаќање“ и „номинација“, но и фразата „црномурести“.
Обвинувања имало и на минатите избори
Во меѓувреме, Си-ен-би-си вели дека на слична тема било спроведено истражување и од институтот „Галуп“, кое, пак, ја истражило терминологијата што кандидатите за претседател ја користеле на минатите избори и овој циклус. Според „Галуп“, во 2016 година, најчести зборови или теми што ги користеле кандидатите биле токму имињата на противникот во таборот на ривалот, за разлика од овие избори каде што доминираат темите со коронавирусот во политичките говори.
– Во 2016 година, Трамп дискутираше секоја недела на различна тема и ниедна не беше главна одлика во неговата кампања. Од друга страна, во неговите политички дискусии доминираа контроверзиите за користењето на приватниот сервер за електронски пораки на конкурентот на изборите Хилари Клинтон додека таа беше државна секретарка – информира телевизијата.
Oд што се плашат Американците
Во меѓувреме, Си-ен-ен и нивниот анкетен партнер ССРС во соработка со истражувачите од универзитетот „Џорџтаун“ и Универзитетот во Мичиген, во своја сондажа поврзана со различните аспекти на изборната трка во САД, од минатиот месец па до крајот на изборната трка, најавуваат дека спроведуваат јавни анкети врз гласачите за да се дознае кои се најголемите стравови кај Американците. Првичните наоди од истражувањата на универзитетите говорат дека во пресрет на претседателските избори во САД закажани за ноември Американците најмногу стравуваат од влијанието на економијата и коронавирусот.