Познавањето на географијата веројатно не е посилна страна на Доналд Трамп, судејќи според неговите бројни гафови, меѓу кои последниот се случи за време на митинг во Атланта, во средата, кога американскиот претседател кажа дека „Белгија е прекрасен град“.
Меѓу бројните грешки се издвојува твитот од 2016 година во кој Трамп напиша дека Париз е во Германија.
– Маж пукаше во полициската станица во Париз. Само што објавив дека заканата од терор е на највисоко ниво. Германија е во тотален хаос и има голем криминал. Бидете паметни! – наведе Трамп, што предизвика бројни реакции, најчесто коментари оти тој можеби мислел на периодот од Втората светска војна кога Франција била окупирана од Германија.
Трамп за време на состанокот со претседателите од балтичките држави во Вашингтон, во април 2018 година, го помеша Балтикот со Балканот, прекорувајќи ги лидерите на Летонија, Естонија и Литванија за започнување на војните во 1990-тите, кои водеа по распадот на Југославија.
Лидерите на Балтикот, наводно, биле збунети од обвинувањето на Трамп, и им била потребна некоја минута за да сфатат дека нивниот домаќин го помешал Балканот со Балтикот. Францускиот весник „Монд“ тогаш напиша дека оваа грешка на Трамп е уште поизненадувачка, со оглед на тоа што неговата сопруга Меланија е родена во Словенија, која беше дел од поранешна Југославија. Х.Ј.