Повеќе земји на Европската Унија, вклучувајќи ги и големите членки Франција, Германија и Британија, официјално го признаа Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела, откако претседателот Никола Мадуро го игнорираше барањето за нови избори. Но други членки на ЕУ, како Белгија, Финска и Шведска, не го признаа отворено Гуаидо, само му изразија поддршка. Истовремено, Италија го блокираше заедничкото соопштение на Унијата за венецуелската криза, по што шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини мораше да интервенира, за да ѝ го спаси „образот“ на ЕУ, наведува „Политико“.
– ЕУ има заедничка позиција за Венецуела, и тоа го покажавме многу јасно и заедно, сите 28 членки. Унијата и нејзините земји-членки никогаш не ги признаа претседателските избори, кои беа одржани лани. Не присуствуваше никој од нас на инагуарацијата на Мадуро на 10 јануари и како легитимна институција на земјата го признавме Националното собрание, и ја признавме улогата на неговиот претседател. Тоа е јасно. Тоа е заедничка позиција – порача Могерини.
Но, потоа таа побрза да објасни дека улогата на ЕУ не е да признава држави, или нивните институции.
– Што се однесува до признавањето држави или институции, тоа не е помеѓу надлежностите на ЕУ. Имаме консолидирана позиција за тоа. Во надлежност на земјите-членки е објавувањето на нивното признавање на институционалната улога на претседателот на Националното собрание на Венецуела – додаде шефицата на европската дипломатија.
Сепак, како што оценува „Политико“, Венецуела не е единствената проблематична точка за надворешната политика на ЕУ, која долго време се мачи поради потребата од едногласност за објавувањето соопштенија и носењето одлуки. Во понеделникот, соопштението за пропаѓањето на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел беше блокирано од членки на ЕУ, кои не се дел од НАТО, вклучувајќи го и Кипар.