Велика Британија побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН за Либија, каде се заканува нов воен конфликт.
Советот за безбедност треба да се состане денеска зад затворени врати, откако либискиот воен командант, генералот Калиф Хафтар им нареди на своите сили да напредуваат кон главниот град Триполи, седиштето на Владата на национално единство, која е поддржана од ОН.
САД, Франција, Велика Британија, Италија и Обединетите Арапски Емирати ги повикаа сите страни во Либија веднаш да ги смират тензиите кои водат до разгорување на непријателствата, пренесува Ал Џезира.
– Денеска одговараме на повиците на нашиот народ во нашиот драг главен град, како што им ветивме, изјави Командантот на милитантната група Либиска национална армија (ЛНА), генерал Халифа Хафта во обраќањето до неговите сили кои ќе учествуваат во најавената офанзива на Триполи.
Обраќајќи се до жителите на Триполи, Хафтар нагласи дека сите оние кои ќе го положат оружјето, кои ќе останат во своите домови и кои ќе „кренат бело знаме“, ќе бидат безбедни.
Најавата на Хафтар уследи само неколку часа откако неговите сили презедоа целосна контрола врз градот Гарјан, што се наоѓа на околу 100 километри јужно од Триполи. Гарјан досега беше лојален на Владата во Триполи.
Силите лојални на Хафтар во јануари почнаа офанзива за освојување на областите богати со нафта во јужна Либија, со образложение дека нивна цел е да ги уништат „терористите и криминалните групи“.
Либиската национална армија на Хафтар прерасна во клучен играч во спротивставувањето на Владата во Триполи и во поддршката на паралелната администрација на истокот од Либија.
По освојувањето на Гарјан од страна на борците на ЛНА, претседателот на Владата на национално единство, Фајез ал-Сараџ, ваквиот чекор го нарече „ескалација“ и ги повика силите на Хафтар да „запрат со употребата на јазикот на закани“.