Американскиот Сенат ќе преземе мерки за повлекување на американската поддршка за саудиската коалиција што се бори во Јемен, нанесувајќи ѝ удар на политиката на претседателот Доналд Трамп. Многумина сенатори се незадоволни од реакцијата на Трамп на убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги. Шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео, и секретарот за одбрана, Џим Матис, ги повикаа сенаторите да не ја поддржат иницијативата, предупредувајќи дека тоа ќе ја влоши ситуацијата во Јемен. И покрај тоа, 63 сенатори ја поддржаа двопартиската иницијатива, пренесува Би-би-си.
Американските медиуми пренесуваат дека ЦИА верува оти саудискиот принц Мохамед бин Салман го наредил убиството на новинарот. И покрај тоа, претседателот Трамп го отфрли извештајот, истакнувајќи дека ЦИА не донела цврсти заклучоци. Тој ја опиша Саудиска Арабија како витален сојузник и не попушти пред повиците за санкции против раководството на кралството.
Сенаторите исто така се незадоволни од тоа што директорката на ЦИА не учествувала на нивното затворено сослушување за односите со Саудиска Арабија.
– Време е да ѝ се испрати порака на Саудиска Арабија, за нејзиното кршење на човековите права и за огромната хуманитарна катастрофа што ја создава во Јемен – истакна демократскиот сенатор Боб Менендез.
Републиканскиот сенатор Боб Коркер, кој претседава со Комитетот за надворешни работи на Сенатот, упати остри критики на сметка на саудискиот принц.
– Имаме проблем тука. Разбираме дека Саудиска Арабија е сојузник за многу работи и полуважна земја. Исто така имаме принц што е надвор од контрола – порача Коркер.