Според бриселските медиуми, трката на фармацевтските компании до лек за опасниот вирус создава непотребни тензии на пазарот во Европа, кои можат да ја забават светската вакцинација против коронавирусот

Трката на фармацевтските компании за лек против вирусот создава тензии во Европа

Среде разгорениот национализам за вакцини, вестите за државите што градат резерви на лекови против ковид-19 и недовербата во самата вакцина, многумина не успеваат да ги забележат позитивните вести. Францускиот фармацевтски гигант „Санофи“ склучи договор со Европската комисија, според кој на Европската Унија (ЕУ) треба да ѝ испорача 300 милиони дози на можна вакцина. Претпоставувајќи дека најмалку една вакцина ќе се одобри на пазарот, стотици милиони, а можеби и милијарди дози ќе треба да се произведат според стандардите на квалитет. Треба еднакво да се дистрибуираат и да имаат достапни цени. Како ќе се справи Европа со ова? Кои ќе бидат следните чекори? Колку чини вакцинацијата на еден просечен граѓанин се дилемите што се актуелни периодов и кои во свое согледување ги анализира медиумската куќа „Јуроњуз“. Според бриселскиот медиум, трката на фармацевтските светски куќи до лек за коронавирусот, создава тензии на пазарот, кои може да ја забават светската вакцинација против опасниот вирус. „Јуроњуз“ наведува дека откако една вакцина ќе се одобри и откако производителот потоа ќе склучи договор со ЕУ, членките можат да почнат да нарачуваат дози од вакцината, но до нивниот пристап треба да се одредува според населението, а не владите.

Дали граѓаните на ЕУ првиќе ја добијат вакцината?

– Кога Европската комисија го соопшти договорот со „Санофи“, таа исто така истакна дека „била подготвена за да истражи заедно со меѓународните партнери дали одреден број држави ќе сакаат да вложат во заеднички ресурси за да ги резервираат идните дози вакцини за себе и за државите со ниски или средни приходи“. Стратегијата е државите со високи приходи „да дејствуваат како инклузивни меѓународни купувачи, со што би се забрзал развојот на безбедна и ефикасна вакцина, а максимално би се отворил пристапот до нив за сите на кои им е потребна во светот“ – наведува „Јуроњуз“. Според медиумот, целта на оваа стратегија е европските граѓани да добијат фер, еднаков и достапен пристап до вакцините во рок од 12 до 18 месеци. Во таа насока на светско ниво, Светската здравствена организација (СЗО) изработи и стратегија наречена „Ковакс“ за напредок на развојот каде што според стратегијата еднаков пристап и дистрибуција на вакцините ќе има во сите земји.

Висок ризик за производителите на вакцини

Од друга страна, компаниите што сакаат да работат на развој на вакцина против ковид-19, треба да имаат предвид многу нешта. Ова значи дека треба да располагаат со доволно суровини за да почне големиот производствен процес. Треба да имаат производствени капацитети за огромно количество производи, но и финансиски да бидат подготвени за ризикот ако нивната вакцина не успее. Европски пари се користат за почеток на производство, иако вакцината не го поминала целиот процес на одобрување. Ова е голем ризик, но може да се претвори во успех ако компанијата успешно развие вакцина. Во таа насока тим преговарачи составен од претставници од сите членки на ЕУ актуелно води дискусии со секој производител на вакцини. Покрај француската „Санофи“, фармацевтската компанија „Бионтек се“ се смета за една од предводниците во развојот на вакцина. Ниту Европската комисија, ниту претставници на фармацевтските компании, ниту научниците не можат да ја одредат цената за вакцината на обичниот граѓанин на европските или на преостанатите земји. Не може да се одреди ниту опсегот на цените, затоа што не е јасно колку дози ќе бидат потребни за имунизација и каква технологија ќе се користи во производството. Неколку извори за „Јвроњуз“ велат дека одлуките ќе се носат на повисоко политичко ниво. Неколку фармацевтски компании ветија дека ако произведат успешна вакцина, ќе ја понудат на непрофитна основа. Сепак, најверојатно, членките на ЕУ индивидуално ќе одлучуваат која група прва ќе има пристап до вакцината кога ќе стане достапна.


Иако државите како Јужна Кореја и Кина беа пофалени за намалувањето на бројот на случаи со ковид-19, актуелното зголемување на бројот на новозаразени покажува колку е непредвидлива пандемијата. Јужна Кореја новите случаи веќе ги оцени како „втор бран“ зарази во јуни, а во изминатава недела забележа нов голем пораст уште од екот на епидемијата во март. Кина се соочи со сличен пораст на крајот на јули, со дури 200 регистрирани случаи на ден.
Во Кина и во Јужна Кореја долго време не беа регистрирани нови случаи на коронавирусот, освен неколку увезени, а токму Јужна Кореја беше пофалена како водечки пример за брзо тестирање и изолирање на пациентите. Тамошните дневни бројки на новозаразени можат брзо да ги достигнат актуелните во САД и во други земји, но дури и најниските бројки покажуваат како заканата од голем бран може да следува за неколку недели или денови ако се укинат во целост мерките за физичко дистанцирање и тестирање. Јужна Кореја и Кина веќе вратија дел од мерките за справување со ковид-19 токму поради ваквиот развој на настаните.