Најмалку осум лица загинаа во поплавите предизвикани од рекордните врнежи во Њујорк и Њу Џерси, пренесува „Си-ен-ен“.
Имено, остатоците од ураганот Ајда, кој викендов дивееше во американската држава Луизијана, донесеоа рекордни количини дожд и големи поплави.
Во Њујорк за првпат беше издадено предупредување за поплава.
Во Централ Парк за еден час наврнале 80 милиметри дожд на метар квадратен, што е второ најголемо количество дожд некогаш забележано на таа локација.
Според американската управа за океани и атмосфера (НОАА), ваков дожд паѓа еднаш во 500 години.
– Вечерва сме сведоци на историско невреме со рекорден дожд, брутални поплави и опасни услови на патиштата. Ни претстојат тешки неколку часа. Никогаш не сум видел толку многу дожд да падне за толку кратко време – напиша градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио на Твитер.
Градоначалникот ги повика луѓето да не излегуваат надвор.
– Ве молиме, останете подалеку од улиците вечерва и оставете ги нашите служби за итни случаи да ја завршат својата работа. Ако размислувате да излезете, немојте. Останете подалеку од метрото. Тргнете се од улиците. Не возете на ова лошо време. Останете дома – напиша тој на Твитер.