Британската опозиција бара прекинување на суспензијата на парламентот по објавувањето на документот на Владата, во кој се наведени можните последици од брегзит без договор. Лабуристичката партија порача дека документот потврдува дека постојат големи ризици доколку Британија ја напушти Европската Унија без договор со Брисел.
Лабуристите посочуваат дека повторното свикување на парламентот ќе им овозможи на пратениците да ги прегледаат документите и да ги преземат сите неопходни чекори за да се избегне брегзит без договор. Во владиниот извештај се наведува дека брегзит без договор би можел да доведе до недостиг од храна и повисоки цени на прехранбените производи и горивото, што најмногу ќе ги погоди лицата со ниски приходи. Потоа, можно е и нарушување во снабдувањето со лекови и медицинска опрема, како и одолжување на времето, дури и до два дена, за камионите што увезуваат и извезуваат производи преку Англискиот Канал. Документот исто така предупредува на можноста од прекинување на трговијата за некои бизниси и подем на сивата економија во земјата. Интересно е тоа што владиниот извештај ја споменува и опасноста од протести и контрапротести низ Британија, пренесува Би-би-си.
Истовремено, британските претприемачи тврдат дека документот само ја потврдува нивната процена за тоа што ќе се случи доколку дојде до брегзит без договор.
– Ќе се намали достапноста на свежа храна, ќе се намали изборот за потрошувачите, а цените ќе се зголемат – изјави Хелен Дикинсон од Конзорциумот на британски претприемачи.
Со реакција се јави и Британската медицинска асоцијација, која порача дека владиниот документ е алармантен.
– Документот само ги потврдува нашите предупредување за последиците од брегзит без договор, како што е недостигот од лекови и медицинска опрема – се наведува во соопштението на Британската медицинска асоцијација.
Опозицискиот министер за транспорт Енди Мекдоналд упати остри критики за извештајот и намерите на премиерот Борис Џонсон и неговата влада.
– Тоа повеќе изгледа како вонредно планирање за војна или природна катастрофа, и тоа го правиме своеволно. Борис Џонсон го води бродот кон карпи и тој ќе има чамец за спасување, додека, пак, работниците ќе немаат – порача Мекдоналд.