Поранешниот државен јавен обвинител на Украина, Виктор Шокин, поднесе кривична пријава до државните органи во која се тврди дека бившиот потпретседател на САД, Џо Бајден, ја принудил владата во Киев да го отпушти за да ја запре истрагата за „Буризма“. Во жалбата до Државното биро за истраги на Украина (СБИ), Шокин бара Бајден да биде обвинет за мешање во активностите на државен службеник.
Тој ја повика СБИ да почне предистражна постапка за наводното кривично дело извршено од бившиот американски потпретседател, за кој тврди дека нелегално вршел притисок врз украинските власти да го отстранат од функцијата користејќи како адут заем од една милијарда долари. Посочувајќи дека Бајден, во својство на втор човек во американската политичка хиерархија, повеќепати ја посетувал Украина кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година за да ги убеди властите да го тргнат од функцијата, Шокин тврди дека како резултат на тоа била прекината објективна истражна кривична постапка за факти за незаконски активности на лица поврзани со компанијата „Буризма холдингс лимитед (Кипар)“, вклучувајќи го и синот на Бајден, Хантер, кој бил во одборот на компанијата од 2014 до 2019 година.
Бајден отворено се фалеше на настанот на Советот за надворешни односи (ЦФР) во 2018 година дека во март 2016 година му дал на тогашниот украински претседател Петро Порошенко рок од шест часа да го отпушти Шокин или тој ќе повлече една милијарда американски долари гаранции за заем. Порошенко потоа го отпушти Шокин на 3 април. Еден ден подоцна, откако Јуриј Луценко беше назначен за нов јавен обвинител, беше објавено дека Бајден му се јавил на тогашниот украински претседател да му честита и да објави дека САД ќе ја одобрат помошта.