Германската влада се обиде да добие дополнителни информации во врска со извештаите дека Соединетите држави го користеле партнерството со Данска за да шпионираат високи претставници на соседните земји, вклучувајќи ја и германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави денеска портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт.
– Сојузната влада посвети внимание на извештајот и е во контакт со сите релевантни национални и меѓународни тела за појаснување – рече портпаролот на редовната прес-конференција, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Информациите дека Соединетите Американски Држави ги шпионирале своите сојузници излегоа првпат на виделина во 2013 година, но новинарите дури сега добиле пристап до извештаите, овој пат со детали за поддршката на НСА од страна на данската разузнавачка служба (ФЕ), пишува „Дојче веле“ (ДВ), повикувајќи се на истрага од европски медиуми.
Извори на тајните служби ги пренесувале информациите на тим кој вклучува дански, шведски и норвешки радиодифузери, како и францускиот весник „Ле Монд“, германскиот „Зидојче цајтунг“ и германските јавни радиодифузери НДР и ВДР.
Ниту Меркел, ниту Штајнмаер немале никакво знаење за шпионските операции, пишува ДВ.