Aмериканскиот претседател Џо Бајден игнорира дел од омилените лидери на неговиот претходник Доналд Трамп, пишува „Вашингтон пост“. Трамп своевремено го покани бразилскиот претседател Жаир Болсонаро во Мар-а-Лаго на Флорида, се шегуваше со полскиот претседател Анджеј Дуда и имаше средби со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун. Бајден, пак, досега немаше ниту телефонски разговор со споменатите лидери кои се зближија со Трамп.
Студениот пристап на Бајден е дел од стратегијата за одржување на ветувањето од изборната кампања, според кое тој нема да се зближува со диктаторите кои постапуваат несоодветно со американските сојузници.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше принуден да чека со недели пред да се слушне телефонски со Бајден во февруари, што претставуваше симболична казна за лидерот кој му се фалеше на Трамп за својот успех. Трамп ја имаше неговата прва претседателска посета во странство во Израел и во Саудиска Арабија, додека Бајден ќе ги посети Велика Британија и Белгија идниот месец.
Бајден досега имаше 29 телефонски разговори со светските лидери, но не и со оние од Унгарија, Египет и Филипините кои Трамп ги фалеше, истакнува „Вашингтон пост“.
Стратегијата на администрацијата на Бајден е насочена кон обновување на сојузништвата со Јужна Кореја и со Јапонија кои имаа несогласувања со Северна Кореја, како и наоѓањето сојузници за справување со Кина и со Русија, според американскиот весник кој се повикува на информации од претставниците на администрацијата на американскиот претседател.
Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг беа првите сопернички лидери со кои Бајден разговараше телефонски (со Путин во два наврата).
Исклучок од стратегијата на Бајден претставува Иран, со што администрацијата понуди укинување на дел од санкциите во замена за политување на нуклеарниот договор од 2015 година. Републиканците, пак, се скептични и кон пристапот на Бајден кон Венецуела која ретко е споменувана од неговата администрација.