Најстарата светска туристичка агенција „Томас Кук“ објави крај на своето работење поради огромните долгови, со што се откажаа аранжманите на стотици илјади клиенти. Претходно беше соопштено дека над 600 илјади туристи, клиенти на туристичката компанија се погодени од банкротот.
Компанијата во соопштение нагласува дека одборот „донел одлука дека нема друг избор освен да преземе чекори за задолжителна ликвидација“. Петер Франкхаузер, директор на „Томас Кук“, им се извини на клиентите, вработените и партнерите на компанијата. Тој рече дека жали што бизнисот пропаднал откако не успеале да позајмат средства за деловна помош.
Британскиот орган за цивилно воздухопловство (ЦАА) објави дека ќе работи со владата за да донесе повеќе од 150.000 британски туристи дома во следните две недели.
Станува збор за една од најстарите британски компании што започна да работи во 1841 година и преживеа две светски војни. Тоа беше првата агенција во Европа што понуди аранжмани за патувања. Компанијата сега има хотели, одморалишта и авиокомпании кои ги користат 19 милиони луѓе годишно во 16 земји. Погодени се 600.000 луѓе кои во моментов се наоѓаат во странство, поради што нивните влади и осигурителни компании треба да изготват план да ги вратат дома.